ЗА 4 НЕДЕЛИ ОД КОВИД-19 ПОЧИНАА 480 ЛИЦА, ОД КОИ 89 ОТСТО НЕ БИЛЕ ВАКЦИНИРАНИ

    ЗА 4 НЕДЕЛИ ОД КОВИД-19 ПОЧИНАА 480 ЛИЦА, ОД КОИ 89 ОТСТО НЕ БИЛЕ ВАКЦИНИРАНИПроцентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87%, a 13% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За четири недели во земјава по компликации од ковид-19 починале 480 лица. Од нив, 429 пациенти (89,3%) од починатите не биле вакцинирани, а 51 (10,6%) примиле вакцина, вели Министерството за здравство. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

    За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

    Во анализата на Министерството за период од 6 август заклучно со 2 септември, стои дека на ниво на цела држава, 22.416 граѓанин имале позитивен тест на ковид-19. Од нив 18% биле целосно вакцинирани, односно 4.191 лице.

    Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19, вели Министерстввото. Според статистиката за изминативе четири недели, 18.225 граѓани, односно дури 81% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани.

    Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87%, додека 13% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

    Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна“ и „Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

    Министерството претходно соопшти дека најголема смртност кај пациенти со ковид-19 во јули и август имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население. Според нивната аналаза, за време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, најниска стапка на вакцинација има Гостивар, 29,6 отсто и 73 починати.

    Тетово, го пречека бранот само со 19% вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37%.

    Слична е состојбата и во Гостивар каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население, во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30%, а бројот на починати со ковид е 73. Ниска стапка на вакцинација има и во Дебар, Струмица и во Куманово, каде има по 10, 19 и 43 починати.

    Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово каде опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61%, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира