ЗА ЕДНА НЕДЕЛА НАЈМАЛКУ ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 КАЈ ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ЗА ЕДНА НЕДЕЛА НАЈМАЛКУ ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 КАЈ ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕМоментално се хоспитализирани 600 лица, а од нив 382 се на кислородна поддршка и 23 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација. (Фото: К. Попов)

    Се забележува намалување на заболените лица од ковид-19 кај сите возрасни групи во периодот од 27 септември до 3 октомври, а најголемо процентуално намалување се забележува кај помладата популација, односно кај лицата од возрасните групи од 0-9, 10-19 и 20-29 години, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

    Во наведениот период, тестирани се 22.548 материјали,  со намалување од 10,1% во однос на минатата недела. Регистрирани се 2.670 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, за 9,0% помалку од минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7,2% до 14,4%, просечно 11,6%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1.309; 49,0%), а највисока инциденца е регистрирана во Кратово – 294,7/100.000.

    Од новозаболените, најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (738, 27,6%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (86; 3,2%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, кое се движи од -1,6% кај лицата од 50-59 години и над 60+ години до -30,6% кај возрасната група од 0-9 години.
    Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.323 (49,6%) лица од машки и 1.347 (50,4%) од женски пол.

    Во текот на мината недела вкупно се пријавени 39 реинфекции, зголемување од 21,9% во однос на претходната недела. Заклучно со 3 октомври, вкупно е регистрирана 591 реинфекција (една втора реинфекција).

    Пријавени се 85 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (35). Најголем број (73; 85,9%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (1) и 30-30 години (1).

    Со статус оздравени се стекнале 2.681 лице кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, намалување од 26,4% во споредба со минатата недела.

    Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 600 лица, а од нив 382 се на кислородна поддршка и 23 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

    Во однос на вакцинацијата, според последните информации од Министерството за здравство, заклучно со 4 октомври вкупно се вакцинирани 791.141 граѓани, ревакцинирани се 737.979. 53% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 32% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

    Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47% , а со две дози опфатени се 44% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира