Поради застојот на прегледи што го предизвика коронакризата, една од последиците ќе биде поголемиот пораст на бројот на пациенти со гастроентерохепатолошки болести, пред сè карцином на дебело црево и карцином на желудник, предупредува д-р Јусуф Вејсели, началник на Гастроентерохепатолошкиот оддел во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“.
Во март, поради коронакризата, болницата „8 Септември” се претвори во ковид-центар и до 1 септември беше суспендирано нормалното функционирање на сите оддели, односно не се вршеа други прегледи освен на болните со ковид-19. Д-р Вејсели вели дека стравот од пандемијата на ковид-19 ги намали сите редовни и скрининг гастроентерохепатолошки прегледи за 80 отсто, и затоа се ставени во втор план опасни и тешко излечиви болести од гастроинтестиналниот систем.
Тој апелира да не се игнорират симптомите и навреме да се оди на прегледи и тестови.
„Карциномот на дебелото црево и на желудникот се малигни заболувања чији фреквенции се најчести. Колоноскопијата е златен стандард за откривање на промени во дебелото црево дури и во непрепознатлива фаза, а од другата страна гастроскопијата е златниот стандард за откривање на рани неопластични промени во желудникот“, вели д-р Вејсели.
Тој вели дека речиси шест месеци во болницата беа прекинати сите изборни гастроентерохепатолошки процедури и се изведуваа само итните ендоскопски процедури.
„Индикаците за итни ендоскопски процедури вклучуваа дијагностицирање и третман на акутно гастроинтестинално крварење, отстранување на туѓи тела од дигестивниот тракт, опструктивен холангитис и ендоскопскиот третман на билијарен панкреатит. Пред каква било постапка, прво се изведуваше скрининг за ковид-19, вклучително и телесна температура, крвна рутина, CT на бели дробови, серолошки испитувања за антитела, и понатамошните постапки зависеа од резултатите на горенаведените испитувања“, вели д-р Вејсели.
Во „8 Септември“ во тек на 2019 се направени околу 2.000 колоноскопски и над 2.000 гастроскопски процедури, над 5.000 базични ехотомографии, ЕРЦП и други методи кои имаат голема улога во превенција на различни малигни болести. Годинава, откако болницата стана ковид-центар, сите тие процедури беа минимизирани и растеше бројот на листата за чекање.
Иако од 1 септември болницата се отвори за редовни прегледи и хируршки интервенции, дополнителен проблем е дека дневно ќе се прегледуваат помалку пациенти поради протоколите за заштита од ковид, а намален е и капацитетот за прием на пациенти.
М. ИЛИОСКИ