И ОДРЖУВАЊЕТО НА ЈАВНИТЕ ЧЕШМИ И ФОНТАНИ Е СТАВКА ВО ОПШТИНСКИТЕ БУЏЕТИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕМА ПАРИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО

    И ОДРЖУВАЊЕТО НА ЈАВНИТЕ ЧЕШМИ И ФОНТАНИ Е СТАВКА ВО ОПШТИНСКИТЕ БУЏЕТИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕМА ПАРИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТОНа општинските веб страни каде е објавен Буџетот нема детални податоци за какви проекти се трошеле парите за заштита на животната средина; - Од пожарот во складот со опасен отпад во Трубарево на 13 септември. (Фото: СДК.МК)

    Со години Македонија е на врвот на листата на најзагадени земји во Европа и светот. Мерните станици, онаму каде што ги има или каде не се расипани, деновиве почнаа да покажуваат висока концентрација на ПМ10 честички во воздухот. Средствата кои ги одвојуваат Општините за решавање на овој проблем се недоволни и не даваат никакви резултати.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ги анализираше буџетите заштита на животната средина за 2025 година на Град Скопје и трите Општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода, кои преку цела година, а особено зиме имаат највисоки вредности на аерозагадувањето.

    Во Општина Гази Баба летово имаше два големи пожари, оној во селото Трубарево каде гореше опасен отпад во рециклаторен центар на „Ф-Групација“. Гореше и депонијата Вардариште, која се наоѓа на границата меѓу Oпштините Гази Баба и Аеродром, и неколку дена жителите на Ново Лисиче и Аеродром дишеа чад. Тие организираа и повеќемесечни протести на кои бараа целосно затворање и чистење на депонијата.

    На веб-страните на Општините каде е објавен Буџетот нема детални податоци за какви проекти се трошеле парите за заштита на животната средина. Наведени е само ставката Заштита на животната средина, колку средства се предвидени, но нема податоци што ќе се прави со тие пари.

    Во Буџетот на Град Скопје за 2025 предвидени 47.100.000 денари (околу 760.000 евра) за заштита на животната средина. Од Град Скопје не добивме одговор за кои проекти биле потрошени и колку пари.

    И советниците во Советот на Град Скопје ја критикуваа ексградоначалничката Данела Арсовска дека Буџетот нема детални податоци како што било случај во мандатите на поранешните градоначалници и оти не знаат за што се трошат парите на граѓаните. Арсовска оваа забелешка не ја прифати и немаше промена во однос на барањата.

    Новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој ја презеде градоначалничката функција во ноември, на првата седница на Советот на Град Скопје вети дека овие забелешки ќе бидат прифатени кога ќе се прави Буџетот за 2026 година.

    Буџетот за заштита на животната средина на Општина Аеродром за 2025 беше 4.398.000 денари (околу 71.000 евра). Иако се споменува дека средствата ќе се користат преку Подпрограма Р1 – Заштита на животната средина и природа, конкретните бројки (колку пари за зеленило, а колку за субвенции) не се лесно достапни во објавените извадоци.

    „Општина Аеродром презема мерки и активности за зачувување и унапредување на животната средина, блоковско зеленило, одржување на дрвјата, испитувања бучава, поставување фотоволтаици, надзор, како и субвенции за граѓаните на општината за велосипеди и слично, со вкупни средства во износ од 4.398.000 денари“, стои во Буџетот објавен на веб-страната.

    Одговор на нашите прашања колку пари за кои проекти биле потрошени не добивме.

    Иако една од најголемите Општини во Македонија, Кисела Вода за 2025 година имала буџет за заштита на животната средина од само 4.800.000 денари (77.600 евра). Прецизни податоци за проектите од оваа област не се наведени на интернет страницата на Oпштината, но оттаму не известија дека во изминатиот период значително била зголемена површината на уредено зеленило, која денес изнесува околу 80.000 квадратни метри зелени површини и паркови.

    Најголемата ставка во општинската Програма за заштита на животната средина се однесува на набавката на нова мерна станица за амбиентален воздух, за што биле издвоени 1,5 милиони денари (24.000 евра).

    „Општина Кисела Вода веќе стави во функција две вакви мерни станици, а во тек е постапката за набавка на третата, за која се предвидени овие средства“, рекоа од Oпштината.

    Средства се издвоени и за:

    • Изградба и реконструкција на хидрантската мрежа како дел од мерките за подобрување на условите за наводнување на зелените површини.
    • Хортикултурно уредување на парковите и поставување нови системи за полевање, со што се обезбедуваат нивна одржливост и подобрен урбан амбиент.
    • Одржување на постоечките јавни чешми, фонтани и хидрантска мрежа, како и надзор над нивната функционалност.

    Во буџетот се предвидени и средства за претпријатието „Лајка“ за да се обезбеди систематски и хуман третман на бездомните животни.

    Општина Гази Баба располага со поголем буџет за заштита на животната средина во 2025 година, кој изнесува 6.200.000 денари (100.000 евра). Парите биле распределени на десет проекти, кои вклучуваат:

    • Субвенционирање на граѓаните на Општина Гази Баба за купување високоенергетски клима уреди за затоплување – 2.000.000 денари.
    • Субвенционирање на граѓаните на Општина Гази Баба за набавка и вградување на сончеви термални колектори – 1.000.000 денари.
    • Субвенционирање на граѓаните на Општина Гази Баба за купување велосипед – 500.000 денари.
    • Субвенционирање на граѓаните на Општина Гази Баба за купување печки на пелети – 500.000 денари.
    • Субвенционирање на граѓаните на Општина Гази Баба за вградување уреди за течен гас/метан или друг вид на алтернативно гориво кај возилата – 300.000 денари.
    • Субвенционирање на граѓаните на Општина Гази Баба за чистење оџаци во своите домаќинства – 50.000 денари.
    • Субвенционирање на граѓаните на Општина Гази Баба за стерилизација на домашни миленици (кучиња и мачки) – 200.000 денари.
    • Еколошки конкурс – 300.000 денари.
    • Изработка на елаборати за заштита на животната средина и стратегиски оценки на влијанието врз животната средина – 100.000 денари.
    • Изработка на елаборати за утврдување на границите на заштитните зони за водните тела наменети за водоснабдување за населените места Виниче и Брњарци – 1.100.000 денари.
    • Реализација на активности од проектот „Училишни улици” – 150.000 денари.

    Според анализата на буџетите на Општините се заклучува дека со парите кои се издвојуваат не се исполнети барањата на активистите и невладините организации кои години бараат да се одвојат најмалку 3,5 отсто од буџетските пари за оваа ставка.

    На 31 август голем пожар ја зафати дивата депонија Вардариште во Скопје, пет часа немаше струја, а од чадот со денови смрдеше целиот град, најмногу во Аеродром и Гази Баба. (Фото: СДК.МК)

    Анализата покажува дека во Град Скопје, буџетот за заштита на животна средна за 2025 година е намален за разлика од пред 7 години.

    САКАМДАКАЖАМ.МК правеше анализа на оваа тема и во 2018. Тогаш, во основниот Буџет на Град Скопје за 2018 година, во ставката заштита на животната средина беа предвидени 122.500.000 денари, што е за 0,3 проценти повеќе од парите кои за оваа намена беа предвидени во буџетот за 2017 година – 110.450.000 денари. Со ребалансот на Буџетот за 2018, парите се намалени и тој изнесуваше 111.205.000 денари. Во 2017,  со измените и дополнувањата на Буџетот во оваа ставка намалувањето на средствата беше поголемо односно беа скратени 62.286.000 денари и тој изнесуваше 48.164.000 денари.

    Општина Кисела Вода во 2018 година за оваа ставка имаше предвидено 2.800.000 денари, а годинава 4.800.000 денари што значи дека има одвоено речиси двојно повеќе пари.

    Општина Гази Баба за мерки и проекти за животна средина во 2018 година имаше предвидено 6.200.000 денари, колку што има и за оваа година.

    Општина Аеродром за животната средина пред 7 години предвиде 1.100.000 денари, а сега 4.398.000 денари.

    Изминатите години, најголем дел од парите од буџетите за животна средина на општините одат за изработка на елаборати, студии, истражувања, проекти и планови. Исклучок се средствата за експропријација и субвенции, но тие драстично варираат од година во година.

    А. АНТЕВСКА – Г. КОНЕВ

     

    *Текстот е изработен со поддршка од MEMO 98 и УНЕСКО во рамките на проектот „Дигитални алатки и вештачка интелигенција за известување за клима и катастрофи“

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира