Основниот суд Штип ја известил тамошната полиција дека Игор Спасов, специјалец во МВР осуден за убиството на Мартин Нешкоски, е во бегство. МВР веќе го бара Спасов.
Спасов беше пуштен од затворот „Идризово“ пред една година, поради лекарски и вешти наоди дека морало врз него да се извршат најмалку две хируршки интервенции. Тој се оперирал од дискус хернија и од кила. Требало да се врати во затворот „Идризово“ на 18 октомври, но не го сторил тоа.
Спасов го претепа младиот Нешкоски до смрт на победничката прослава на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 на плоштад Македонија, во центарот на Скопје, а владата на Никола Груевски се обиде да го скрие убиството. Осуден е на 14 години затвор. Спасов е штипјанец, тој има сопруга и две деца. Тој нема патна исправа, бидејќи издржува затворска казна. Половина од казната му е издржана.
Во Судот во Штип велат дека тој и семејството во моментов немаат материјални средства кои би му овозможиле живот во бегство, но оставаат на полицијата да го истражи неговото нејавување во затворот „Идризово“ и дали сепак се работи за бегство.
Лани, пред да го добие условниот отпуст за операциите, Спасов пијан се оддалечи од затворот, но набргу се врати.
С. К. ДЕЛЕВСКА