Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов бара Општина Центар да му ја предаде сопственоста на спомениците од проектот „Скопје 2014“ за, како што вели, „да ги реши“ после парламентарните избори на 12 април. Ова Шилегов го кажа на трибината која ја организираше дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, на тема „Граѓанска зелена моќ – влијанието на граѓаните врз зачувување на јавниот интерес при урбанистичкото планирање“.
На трибината на која учествуваа и градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Мартин Пановски, Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Ана Радоњиќ, потпретседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Шилегов кажа дека проектот „Скопје 2014“, кој оваа власт го наследи, е токму силување на јавниот простор.
„Град Скопје има склучено договор со Општина Центар за одржување на спомениците. Јас барам да ми биде пренесена и сопственоста на спомениците и после избори јас ќе ги решам. Не се либам од тоа да носам политичка или било каква одговорност за отстранување на труењето на Скопје, кое не е само аеротруење туку е и ментално труење и се вика ‚Скопје 2014‘. Секој ден што ги гледаме тие споменици, таа креатура од град што ни е оставена во наследство, е ден што ги труеме и нашите деца ментално“, рече Шилегов.
Спомениците од проектот „Скопје 2014“ беа поставени во времето кога градоначалникот на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ. Откако во 2013 година градоначалничката функција во Центар ја презеде кандидатот на СДСМ Андреј Жерновски со тогашниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски беше склучен договор одржувањето на спомениците да го преземе Градот, но владението на спомениците и понатаму остана на Општината.
А. АНТЕВСКА