Ми држите морални предавање, а вашата политичка партија сакаше да ме убие, му рече претседателот на СДСМ Зоран Заев на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешниот ТВ дуел во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5.
Мицкоски одговарајќи на прашањето на водителот дали ќе го осуди и ќе се огради од нападот на Собранието на 27 април 2017 година, рече дека одговор на ова прашање дал најмалку 20 пати, осудува секакво насилство и за тој настан има судски процеси и пресуди.
„Нема да ги коментирам пресудите, времето ќе покаже какви биле. Сметам дека казните што се изречени се драконски. Имате луѓе кои сториле поголеми кривични дела и за жал не одговараат како овие луѓе. Имате луѓе кои ги отвориле вратите и тие се амнестирани затоа што му требале на Заев. Тој што ги отвори вратите е невин, а другите се виновни. Тоа е проблемот. И сега се прашуваме зошто судството не ни функциониора, зошто сме хибриден режим, зошто младите заминуваат од земјава“, рече Мицкоски.
Заев му одговори дека во процесот на помирување бил донесен законот за амнестија со луѓе кои сакале да се помират, и да не му држи морални предавања за настан во кој и тој бил учесник во толпата.
„Сега држите морални предавања пред нацијата што е исправно, а што не. Треба да се засрамите од моите лузни, ако не повеќе од тоа. Со лузни сум по цело чело и јас треба да се засрамам затоа што вашата политичка партија сакаше да ме убие мене и дел од пратениците“, рече Заев.