Македонија има седум пациенти заразени со коронавирус, 193 лица се во домашна изолација и затворена е Клиниката за кожни болести во Скопје, се последните податоци од Министерството за здравство објавени во понеделник навечер.
Првата заразена пациентка, 50-годишната жена која дојде од Италија со комбе преку граничниот премин Табановце на 26 февруари, е во целосно стабилизирана состојба. Според министерот за здравство Венко Филипче, ќе се направи уште еден контролен тест, по што ќе се одлучи дали ќе биде пуштена од болница.
На Инфективната клиника се лекуваат двајцата сопружници од Дебар и тројца членови на нивното семејство, како и директорката на Клиниката за кожни болести, кои исто така допатуваа од Италија.
За случајот со директорката на Клиниката за кожни болести, која пред една недела се вратила од Италија, и пет дена одела на работа, министерот Филипче рече дека уште двајца членови на нејзиното семејство се во домашна изолација, интервјуирани се сите вработени, како и пациентите на Клиниката за дерматовенерологија и со решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат сите ќе бидат во 14-дневна домашна изолација. Тоа се 64 вработени, како и 11 пациенти кои што биле хоспитализирани и кај кои лекувањето може да се продолжи во домашни услови и 13 пациенти кои што се лекувале во изминатата недела во дневната болница, што значи дека доаѓале за да примат терапија.
Во текот на викендот се одржала и конференција на дерматовенеролози во ресторан во Скопје, на која присуствувале вкупно 103 лица, дел од нив вработени на клиниката.
„Сите тие се исконтактирани телефонски, кај дел од нив е спроведено и интервју од епидемиолозите, и кај нив исто така дадена е мерка домашна изолација. Помеѓу нашите гости имало и тројца од Грција, за што лично го известив грчкиот министер за здравство за нивниот идентитет. Салата каде што се одржувала конференцијата е целосно дезинфицирана, согласно прописите, а истото е случај и со клиниката од страна на соодветната служба“, кажа министерот.
Филипче неколку пати потенцираше дека е разочаран од неодговорното однесување на докторката, затоа што Министерството постојано потенцира дека е најважна автоизолацијата за лицата кои доаѓаат од ризични подрачја.
„Затоа потенцирам секој кој што доаѓа од ризичен регион доколку на граница нема симптоми, и тоа е тој најризичен стадиум на болеста, во инкубација кога нема симптоми, а веќе имало контакт со заболен кој што граѓанинот не може да го знае, мора да остане во автоизолација 14 дена. На тој начин го штитиме сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, на сите граѓани на нашата држава. Мора да имаме одговорност кон колективното здравје заради тоа што тоа е нашиот најголем приоритет“, вели министерот.
Директорката на Клиниката за кожни болести ќе биде суспендирана, но сега е предизборен период и не може формално-правно да се вршат разрешувања.
„Потенцирам дека одговорност ќе има за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки. Од наша страна ќе биде разрешена после изборите, а другите институции нека преземат сè што треба да се преземе. Јас и мојот тим 24 часа непрекинато и посветено работиме на ова прашање, и ова е најмалку што очекувавме“, рече Филипче.
Според последните мерки на Владата, препораката да не се одржуваат јавни собири како и спортските натпревари да се играат без публика важи до петок, 13 март. Сите театри ги откажаа претставите до 13 март. Владата апелира граѓаните да не патуваат без потреба во критичните региони со коронавирус.
Од понеделник вечер цела Италија е ставена под блокада, со оглед на тоа дека е најтешко погодена нација во Европа со 463 смртни случаи поврзани со коронавирусот и повеќе од 9,000 потврдени заразени.
Според последните податоци од Светската здравствена организација (СЗО), на глобално ниво има 109 578 заразени од КОВИД-19, а починале 3.809.
- ТРОЈЦА ЧЛЕНОВИ НА СЕМЕЈСТВОТО НА СОПРУЖНИЦИТЕ ОД ДЕБАР ИМААТ КОРОНАВИРУС, ДО СЕГА СЕДУМ ЗАРАЗЕНИ
- ДИРЕКТОРКАТА НА КОЖНАТА КЛИНИКА ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕНА ПО ИЗБОРИТЕ, КЛИНИКАТА ЗАТВОРЕНА СЛЕДНИТЕ 14 ДЕНА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ
- ДЕВЕДЕСЕТ ЛИЦА СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА ОТКАКО БИЛЕ ВО КОНТАКТ СО ДИРЕКТОРКАТА НА КЛИНИКАТА ЗА КОЖНИ БОЛЕСТИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ
- ДИРЕКТОРКАТА НА КОЖНАТА КЛИНИКА ИМА КОРОНАВИРУС, МОЖНО ЗАТВОРАЊЕ НА ЦЕЛИОТ ОДДЕЛ, КАЖА ФИЛИПЧЕ
Б. НЕСТОРОСКА