Се прави посебен влез за возилата на Брза помош на Клиничкиот центар во Скопје. Откако на сила е вонредната состојба и на клиниките се откажани сите прегледи кои не се итни, Град Скопје почна со целосна реконструкција на улиците во рамките на комплексот, со која се проширува главниот влез, се отвораат уште два нови влезови, се асфалтираат улиците и се изведуваат посебни патеки за движење на болните.
„Отвораме влез кај Инфективната клиника и кај улицата Белградска во близина на Кардиологија. На главниот влез ќе има две ленти, една само за возила на Брза помош, друга за пациентите. Сите улици во рамките на Клиничкиот центар се реконструираат и прошируваат, а се прават и посебни патеки кои се одвоени од улиците за движење на болни со колички и кревети. На просторот кај Клиниката за гинекологија, ќе правиме нов паркинг простор. Со тоа ќе направиме нов режим на движење низ комплексот“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов очекува градежните работи да завршат за две недели, а потоа ќе следува фаза на хортикултурно уредување на целиот Клинички центар.
Според проектот просторот каде што сега се наоѓа полската болница до Инфективната клиника, по завршување на состојбата со КОВИД-19, ќе биде нов паркинг простор.
А. АНТЕВСКА