Со масовно тестирање на здравствените работници во Кумановската болница, Владата одлучи да го спречи ширењето на заразата помеѓу медицинскиот персонал. Од околу 700 вработени, во Кумановската болница заболени со коронавирус се 47 здравствени работници, а околу 80 се во самоизолација.
Сите лекари и друг персонал, независно дали биле во контакт со заразени пациенти или не, ќе бидат тастирани за да се отстранат сите сомнежи за присуство на коронавирусот, кажа вицепремиерот и командант на Централниот кризен штаб Бујар Османи, кој денеска присуствуваше на седницата на Советот на Општина Куманово.
„Голем проблем тука се здравствените установи, коишто во одредени моменти се третираа и како извор на проблемот. Поради тоа, вчера донесовме одлука за масовно тетирање на сите здравствени работници во општината. Уште од денеска се почна со 200 тестирања. Идејата е сите здравстевни работници, независно дали биле во контакт или не, независно од која хиерархија се, од директорот до последниот вработен да бидат тестирани. На тој начин ќе можеме да ги изолираме тие што се позитивни, а се асимтоматски“, рече Османи.
И премиерот Оливер Спасовски потврди дека се прави и скрининг на вработените во Кумановската болница, поради што само денеска се земени околу 210 тестови за испитување. Тој тврди дека нема проблеми во функционирањето на болницата, бидејќи на испомош се дојдени лекари од клиники од соседните градови.
„Ние веќе имаме донесено лекари кои работат повеќе од две недели на Инфективното одделение. Донесена е одлука да се вратат лекарите од Куманово кои работат во другите градови. Болницата функционира и ќе направиме сè за да функционира, затоа што на Куманово му треба здравствена заштита“, кажа Спасовски.
С. НИКОЛИЌ