Од среда, жителите на Куманово, Прилеп и Тетово не смеат да излезат од дома без да носат маска, беше одлучено на денешната владина седница како мерка за спречување на понатамошно внесување и ширење на коронавирусот. Од Владата препорачуваат и граѓаните низ целава земја да го ограничат излегувањето од дома и само по еден член од семејството да оди во маркет или аптека.
„Од среда се воведува забрана за движење во општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на маска, шал, марама, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници. Владата одлучи да им се препорача на сите граѓани, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките“, објави Владата.
Во Куманово досега има 320 заразени со коронавирус, во Прилеп 112, а во Тетово 52. Вкупно регистрирани болни со КОВИД-19 се 1.170, од кои 164 излечени, 49 починати и 957 активни.
На денешната седница било одлучено сите државни органи, Општината и јавни претпријатија во Куманово од вторник да работат со редуцирани капацитети и да воведат посебни мерки за заштита, со цел поголем број на лица да бидат изолирани во овој период. Исклучок од оваа мерка се вработените лица од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, од јавните здравствени установи, како и вработените во територијалните противпожарни единици на подрачјето на Општина Куманово.
Од вторник се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.
Министерството за внатрешни работи, во соработка со општинските штабови за заштита и спасување, најдоцна до вторник треба да подготви посебен оперативен план за присуство и дејствување на припадниците на полицијата во подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, преку користење на засилени патроли и засилено присуство на полицијата, користење на мегафонска опрема од полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над почитувањето на одлуките, мерките и препораките.
Исто така, Министерството за информатичко општество и администрација треба да подготви и за наредната седница на Владата да достави протокол и анализа со која ќе се регурлира систем на набавка на прехранбени продукти и лекови, од само еден член од семејство.
Владата го задолжи Министерството за здравство да подготви и за наредната седницада достави предлог-уредба со законска сила која правно ќе се нормира прашањето во однос на воведување на задолжителна самоизолација за сите граѓани кои вршат тестирања за КОВИД-19, најмалку до моментот на добивање на резултатот, согласно епидемиолошката анкета.
А. АНТЕВСКА