МВР денеска до Основното јавно обвинитество во Куманово поднесена пријава за непочитување на самоизолацијата по член 206 од Кривичниот законик за градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, потврдија за САКАМДАКАЖАМ од Кумановското обвинителство.
„Пријавата ја донесоа сабајле, а не вчера како што беше изнесено во медиумите. Поделена е на обвинител и допрва ќе се работи. Ќе преземеме повеќе истражни дејствија за да се утврди фактичкта состојба, бидејќи случајот е поразличен во однос на другите лица што излегуваат од самоизoлација. Ќе се постапи најпрофесионално и за се ќе се извести јавноста“, ни изјави јавниот обвинител на ОЈО Куманово, Теута Бедиу-Рамадани.
Градоначалникот на Куманово се соочи со кривична пријава затоа што откако беше откриено дека е позитивен на коронавирус не ја почитувал мерката за самоизолација од 14 дена и спротивно на решението, самоинаицијативно со уште еден член на Кризниот штаб, со возило на Брза помош, отишол да се тестира од кронавирус во приватни клиники во Скопје. Таму тестовите покажале дека е негативен, по што јавно побара да му се укине самоизолацијата за да се врати на работните обврски.
Поради ваквото однесување, Државниот здравствен и санитерен инспекторат (ДЗСИ) направи вонредна инспекција и уочи повеќе прекршувања на процедурата во самизолација, поради што Димитриевски се соочува со казна од 300 до 600 евра.
Градоначалникот Димитриевски за цело време тврдеше дека се работи за монтиран случај, без да образложи од кого и поради што.
Димитриевски беше потврден за позитивeн на коронавирус на 16 април, заедно со уште 40 кумановци, меѓу кои и петмина члeнови на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Еден ден пред тоа се одржа проширена седница на штабот на која присуствуваше премиерот Оливер Спасовски и тројца министри, поради што тие мораа во самоизолација.
С. НИКОЛИЌ