Уставниот суд в среда ќе ја разгледува иницијативата на фирмата „ССИ Инвестмент“ за поништување на ревидираниот Детален урбанистички план „Даре Џамбаз“. Откако Општина Центар лани во јуни ги донесе измените на планот, со кои се намалува катноста на зграда на улицата 11 Октомври, каде што сега е сместена фирмата за обезбедување „СГС“, Друштвото за градежништво „ССИ Инвестмент“ ДООЕЛ Скопје, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на планот.
Со измените на овој ДУП донесени на 6 август 2012 година, кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, се предвидува зголемување на катноста за плус 6 ката на зградата каде што е сместена фирмата за обезбедување „СГС“. Овој објект е во сопственост на градежната фирма „ССИ Инвестмент“. Станува збор за делот кој сега има два ката и се наоѓа меѓу две згради. Со планот се овозможувало и овој објект да ја добие висината на двете згради кои се наоѓаат и буквално се залепени до него. Со зголемување на висината и изградба на зградата на станарите од соседните две згради ќе им бидат затворени прозорците.
Општина Центар ваквиот план го ревидираше и ја избриша маркичката за 8 ката за оваа зграда и ја врати на постојната состојба приземје плус два ката. Исто така беше избришана и маркичката за катна гаража во зеленилото.
„Новиот ДУП, кој беше еден од плановите кои беа под мораториум и го изгласавме минатата година, ја враќа постоечката состојба, каде се задржува автентичноста и моменталната катност на градбите. Точката е од особено значење за нашето работење и поради тоа, се надевам дека Уставниот Суд ќе ми излезе во пресрет на мене како градоначалник, но и на Општина Центар и ќе овозможи мое присуство на седницата“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.