Нема основа да се поведе постапка за оценување на уставноста за прогласување на вонредната состојба од претседателот Стево Пендаровски од 18 март, оценија уставните судии. Тие беа едногласни во ставот дека не може да се оценува нешто што не е во правна сила.
„Зошто да зборуваме за нешто што не е во правна сила. Вонредната состојба прогласена на 18 март веќе е помината, а иницијативата се однесува токму за таа одлука на претседателот Пендаровски“, рече судијата Владимир Стојановски.
Судијата Осман Кадриу кажа дека одлуката на претседателот Пендаровски е строго уставна и строга државничка и нема основа да се поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одлука.
Претседателот Стево Пендаровски на 18 март поради пандемијата на коронавирусот прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена, на територијата на целата држава. Пендаровски донесе ваква одлука откако собранискиот спикер Талат Џафери му испрати известување дека Собрание нема, тоа е распуштено и не може да се собере и прогласи вонредна состојба за поригорозен степен на борба на државата против пандемијата со корона вирусот. На 16 април Пендаровски донесе нова одлука со која се продолжи вонредната состојба за уште 30 дена.
А. АНТЕВСКА