Денеска од Загреб за Скопје тргнаа првите 7 еко автобуси за ЈСП „Скопје“ од германскиот производител „МАН“. Од претпријатието велат дека се очекува в четврток да стасаат во Скопје, а според предвидената динамика, до крајот на неделава треба да бидат пратени кон Скопје уште 6 возила.
„Автобусите поради состојбата со КОВИД-19 и затворените граници се транспортираат со организиран конвој. Во првата тура ќе стасаат 6 единечни и еден зглобен автобус, а во втората 4 единечни и 2 зглобни“, велат од ЈПС „Скопје“.
Првата тура од 33 автобуси требаше да стаса во Скопје во март, но испораката беше одложена поради пандемијата на КОВИД-19 и затворените граници.
Според договорот кој беше потпишан лани во септември, ќе бидат набавени вкупно 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници. Во сите автобуси ќе има дополнителна опрема, како вградени полначи за телефони. Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички. Новите возила имаат пониска бучавост, полесно и поевтино одржување, поголем век на траење.
Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Според постигната цена на тендерот, еден единечен автобус чини 263.000 евра, а зглобните по 334.000 евра. Рокот на испорака на сите 33 автобуси е 10 месеци или до јуни годинава, но постигнат е договор со производителот „МАН“, сите автобуси во Скопје да стигнат пред предвидениот рок.
А. АНТЕВСКА