Од компликации од коронавирус во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје почина 64-годишниот доктор Арификмет Деари, уролог од Тетово. Министерот за здравство Венко Филипче утрово објави дека Деари бил хоспитализиран поради невролошки проблеми, но бил и позитивен на ковид-19. По 15 дена болничко лекување денеска починал во болницата.
„Доктор Деари, кој беше само на неколку месеци до пензионирањето, е првиот лекар кој почина од компликации на коронавирусот. Изразувам жалење и длабоко сочуство до неговото семејство. Апелирам до моите колеги здравствените работници да се чуваат и заштитуваат, на работното место соодветно на протоколите, но и надвор од него. Апелирам и до граѓаните да ги почитуваат мерките, да се заштитат себеси, здравствените работници и сите свои сограѓани“, напиша Филипче на Фејсбук.
Доктор Деари беше најстар уролог во Уролошкото одделение при тетовската Клиничка болница. Според болнички извори, уште пред повеќе од еден месец бил дијагностициран со ковид-19, имал и други здравствени проблеми, а пред околу 2 недели во исклучително тешка состојба е префрлен во Скопје.
Од Тетовската болница не можат да потврдат дали и колку има ковид позитивни на Уролошкото одделение од контакти со докторот и колку биле ставени во изолација.
Вкупно починати од ковид-19 во земјава досега се 334 пациенти. Според вчерашните бројки, ковид дијагностицирани се 6.932, од кои оздравени се 2.987, а 3.611 се активни случаи.
З. АНДОНОВ