ВМРО-ДПМНЕ ИМА НАЈГОЛЕМ КРЕДИБИЛИТЕТ ДА СОСТАВИ ВЛАДА, ИЗЈАВИ МИЦКОСКИ

    ВМРО-ДПМНЕ ИМА НАЈГОЛЕМ КРЕДИБИЛИТЕТ ДА СОСТАВИ ВЛАДА, ИЗЈАВИ МИЦКОСКИМицкоски кажа дека изборите се одржале во тешки околности, под силни притисоци и бројни нерегулaрности. (Фото: К. Попов)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека тој треба да е мандатар за составување на новата влада, бидејќи СДСМ без БЕСА освоиле помалку пратеници од нив. Откако синоќа по завршување на изборите Мицкоски не се појави во јавност, денеска одржа прес-конференција во партиското седиште, на која кажа дека победиле во 41 општина, а вкупно имаат 10.000 гласови помалку од СДСМ.

    Мицкоски кажа дека изборите се одржале во тешки околности, под силни притисоци и бројни нерегулaрности.

    „Сајтот за резултатите на ДИК не работи, добиваме информации дека сомнително се броени и внесувани податоците.  СДСМ без Беса има два пратеници помалку од ВМРО-ДПМНЕ и затоа ние имаме најголем кредибилитет за состав на новата влада. Имаме гласови и во чисто албански средини, каде досега ВМРО-ДПМНЕ немал гласачи“, рече Мицкоски.

    На новинарско прашање дали ќе побараат како партија оставка од претседателот на ДИК Оливер Дерковски поради хаосот што се случи со сајтот и поради фактот што уште нема резултати од изборите, Мицкоски кажа дека досега не разговарале за тоа оти сметаат дека тој одлично си ја вршел својата работа.

    „Разговарав во претседателот на ДИК Дерковски кој е по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и добив уверување дека секој записник се проверува и во текот на денот ќе излезат со информација“, кажа Мицкоски.

    Во однос на тоа дали чувствува лична одговорност поради слабите резултaти на изборите и малата излезност на граѓаните Мицкоски кажа дека лично ќе направел детална анализа во кои делови го разочарале народот, ќе се коригираат и граѓаните ќе бидат информирани за понатамошните одлуки на партиските тела.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира