Градоначалникот Петре Шилегов испрати писмо до Министерството за внатрешни работи во кое бара полицијата да излезе на терен и да ги ослободат велосипедските патеки од паркирани коли и камиони.
Шилегов во писмото им навел дека секој ден возила стојат паркирани на вело патеките кои се изведени на самиот булевар како што е на булеварите Свети Климент Охридски и Кочо Рацин и на улиците Свети Кирил и Методиј, Московска и Кемал Сејфула.
„За да овозможиме непречено и безбедно движење на велосипедистите на вело патеките, упатив официјално барање за интензивирање на сообраќајните теренски контроли до СВР Скопје. Паркираните возила на новите вело патеки поставени на коловоз и претекнувањето од возилата на велосипедските ленти во голема мера ја загрозуваат безбедноста на велосипедистите во сообраќајот и претставуваат сериозна препрека во континуираниот пораст на велосипедскиот сообраќај во нашиот град“, вели Шилегов.
Од Град Скопје велат дека интензивно работат на реконструкција и изградба на нови вело патеки за да се обезбедат оптимални услови за користењето на велосипедот како превозно средство и да ја се подобри мобилноста на велосипедистите.
„Го намалуваме просторот за автомобили и новите вело патеки со физичко издвојување со столпчиња ги изведуваме на коловозите на градските сообраќајници, но истовремено Градот Скопје нема механизми да врши контрола за секојдневната узурпација на овие вело патеки и затоа бараме засилени сообраќајни контроли од СВР Скопје. Нашите заложби се слободни и целосно проодни велосипедски патеки и во остварувањето на овој градски приоритет очекуваме и конкретна поддршка од другите надлежни институции“, додава Шилегов.
А. АНТЕВСКА