Град Скопје не се откажува од најавата за уривање на две од трите галии во реката Вардар, во центарот на градот. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека наредната недела Апелациониот суд треба да одговори на приговорите кои ги доставиле сопствениците на бродовите, по што ќе се овозможи отстранување на објектите од коритото на Вардар.
„Доставено е решението од извршителот до должниците во таа извршна постапка. Вчера, извршителот од страна на судот е известен дека е искористено правото на приговор. Треба да се даде соодветен одговор од извршителот на приговорот до крајот на оваа недела, по што Апелациониот суд во рок од два-три дена ќе се изјасни по приговорот. Јас очекувам дека до крајот на наредната недела ќе заврши таа постапка, бидејќи се кратки роковите, по што ќе можеме да влеземе кон отстранување на галиите“, рече денеска градоначалникот Шилегов одговарајќи на новинарско прашање на стартот на градежните работи за реконструкција на улицата Македонско-Косовска бригада.
Град Скопје има налог за отстранување на галијата пред МЕПСО, и онаа кај хотелот „Холидеј ин“.
На 9 март на прес-конфренција, градоначалникот Шилегов кажа дека го раскинува договорот со првиот брод кај МЕПСО, во сопственост на Ниче Димовски-Македон, шура на скопскиот ексградоначалник Коце Трајановски. Шилегов тогаш потпиша решение со кое фирмата „Фаланга Херонеа ДООЕЛ“ се задолжува да ја тргне галијата во рок од 30 дена, бидејќи не работела и не плаќала кирија иако Град Скопје ѝ доставил решение во 2018 година дека треба да почне да врши дејност.
Кон крајот на јуни Град Скопје го раскина договорот и за галијата кај „Холидеј ин“ односно бродот „Среќа“. Договорот е раскинат поради неплатена кирија за 4 месеци.
Галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал Ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар. На јавното наддавање во Град Скопје во февурари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.
А. АНТЕВСКА