ОД ПРВИ ЈАНУАРИ, ОД 18 НА 10 ОТСТО ЌЕ СЕ НАМАЛИ ДДВ НА ХРАНА И ПИЈАЛОЦИ ВО КАФУЛИЊА И РЕСТОРАНИ, НАЈАВИ ЗАЕВ

    ОД ПРВИ ЈАНУАРИ, ОД 18 НА 10 ОТСТО ЌЕ СЕ НАМАЛИ ДДВ НА ХРАНА И ПИЈАЛОЦИ ВО КАФУЛИЊА И РЕСТОРАНИ, НАЈАВИ ЗАЕВМерката ќе почне со имплементација од 1 јануари 2021 бидејќи се потребни законски измени; - Кафуле во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Храната и пијалоците кои се служат во ресторани и кафулиња ќе се даночат по нова повластена стапка. Како што најави денеска премиерот Зоран Заев, наместо сегашната стапка од 18 отсто, данокот на додадена вредност (ДДВ) за ресторанските услуги, храната и пијалоците ќе биде 10 отсто.

    „За оваа мерка се потребни законски измени и таа ќе започне со имплементација од 1 јануари наредната година. Целта на оваа мерка е намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, како и поголема ликвидност на услужниот сектор за храна и пијалаци“, рече Заев на прес-конференцијата на која го претстави четвртиот пакет економски мерки.

    Вредноста на новиот пакет економски мерки изнесува 470 милиони евра. Ќе се дава државна помош за исплата на плата на вработените во компаниите погодени од корона кризата, платежни картички за купување домашни производи од 6.000 денари за повеќе категории граѓани, грантови за туристичките агенции, рестораните за свадби и игротеките, како и нови поволни кредити преку Развојната банка.

    Во продолжениот викенд за празникот 11 Октомври ќе се одржи „Викенд без ДДВ“. Граѓаните ќе можат да купат домашни производи и услуги, компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, а во рок од неколку дена, преку апликација „Мој ДДВ“  ќе го добијат назад парите од данокот. Со оваа мерка, како што кажа Заев, се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инјекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра од повратот на ДДВ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира