Здружението на новинари на Македонија денеска повторно алармираше за непримерниот однос на директорот на Агенција за филм Горјан Тозија кон новинари, по пријавите од новинарката Сунчица Уневска-Гвозденовиќ за закани и омаловажувања и од дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК за закани со тужби. Именувањето на функцијата директор на Агенцијата за филм го врши Владата.
„Колешката Сунчица Уневска-Гвозденовиќ, која долги години не само што промовира професионално новинарство туку е и почитувана како филмски критичар, неодамна пријави во ЗНМ дека била предмет на закани и омаловажување од страна на директорот Тозија. Тој на нејзиниот профил на социјална мрежа и се заканил дека ќе ја тужи за клевета, а потоа и упатил лични дискредитации и навреди поврзани со работата на колешката Уневска“, вели ЗНМ и ја цитира пораката до Уневска од профилот на директорот Тозија: „Смешна си ти со своето незнаење и злоба, да беше во друга држава немаше да ти дозволат да напишеш реченица, ама простотата и злобата ќе се потрудам да ја правдаш пред суд… срам да ти е, излезе долна, злобна, лажливка која одработува од инает и незнаење… за жал немаш веќе време, ќе си останеш така запаметена, штета што некој ти дал право на јавен збор и простор да го злоупотребуваш“.
„Освен погрдните зборови во пораките упатени кон Уневска, Тозија во својата порака нечовечки алудира на личните, сериозни здравствени проблеми кои ги има колешката Уневска. Ова е скандалозен и низок начин на комуникација од одговорно лице на јавна установа кон новинар. ЗНМ ќе ја извести и Владата на РС Македонија за овој инцидент и ќе побара од надлежните Тозија да сноси политичка одговорност за овој однос со кој се нарушува и угледот на Агенцијата за филм, која тој ја застапува“, вели ЗНМ.
ЗНМ го осуди и тоа што на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК Тозија ѝ се заканува преку адвокатска канцеларија со три тужби за клевета за претходни текстови на овој медиум поврзани со работата на Агенцијата.
„Потсетуваме дека лице кое има јавна функција треба да има поголем капацитет за критика, а кога се заканува со тужби кон новинарите тоа се смета како притисок и придонесува за зголемување на самоцензурата“, вели ЗНМ.
Ова е трет пат ЗНМ да го осуди заканите со тужби кон медиуми и дисквалификации на новинари од Тозија, а заканата со тужби за објавени текстови за работата на Агенцијата за филм кон 3 редакции, САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК и МКД.МК, ги осуди и меѓународната организација Репортери без граници.
Мандатот на Горјан Тозија како директор на Агенцијата за филм истече на 4 август, а тој на прес-конференцијата на 24 јули изјави дека од Владата побарал продолжување. Неделава истече и рокот од 60 дена што Владата го имаше да одговори на иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за утврдување на одговорност на Тозија поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност. Од Владата досега нема одговор на инцијативата на ДКСК.