КРИЗНИОТ ШТАБ БАРА ВО КУМАНОВО ДА НЕ СЕ ЗАТВОРАТ УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО НЕДЕЛА

    КРИЗНИОТ ШТАБ БАРА ВО КУМАНОВО ДА НЕ СЕ ЗАТВОРАТ УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО НЕДЕЛАОд Штабот сметаат дека затворањето на кафулињата во недела ќе придонесе за поголемо групирање на младите во куќи и викендици и ширење на епидемијата. (Фото: СДК.МК)

    Општинскиот штаб за заштита и спасување на Куманово (ОШЗС), побара од Комисијата за заразни болести и Владата, ако донесе нови мерки со кои недела ќе биде неработен ден за кафулињата и рестораните тоа да не важи за Куманово, бидејќи угостителите ги почитувале протоколите. Од Штабот сметаат дека таквата одлука ќе придонесе за поголемо групирање на младите во куќи и викендици и ширење на епидемијата.

    „Во врска со зголемување на мерките за заштита во ковидкризата и најавата за прогласување на денот недела како неработен ден за угостителските објекти, ОШЗС предлага на Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство и Влада на РСМ од оваа мерка да се изземе Општина Куманово. Штабот смета дека мерките и препораките на Владата во угостителските објекти на територија на Општина Куманово се почитуваат на задоволително ниво и е потребно само дополнителна контрола од надлежни инспекциски служби. Доколку се донесе една таква рестриктивна мерка ќе се зголеми групирање на млади луѓе во паркови, детски игралишта, организирање на забави во приватни куќи и викендици, при што ќе се зголеми ризикот од ширење на епидемијата“, велаи Општинскиот штаб за заштита и спасување.

    Денеска во Куманово протестираа педесетина ученици, кои бараа настава со физичко присуство наместо онлајн, како што одлучи Министерството за образование. Од штабот апелираат до сите организатори и учесници на протестите поврзани со образовниот процес да ги почитуваат мерките за носење на заштитна опрема и одржување на минимум два метра дистанца, во спротивно, тие претставуваат голем ризик за ширење на епидемијата помеѓу самите учесници на протестите, граѓаните и минувачите.

    „Евидентно е дека епидемиолошката состојба на територија на Општина Куманово е сериозна и бараме и апелираме до граѓаните да се почитуваат сите мерки донесени од Владата и Комисијата за заразни болести“, додаваат од ОШЗС.

    Досега, во Центарот за јавно здравје во Куманово се регистрирани 1.473 позитивни случаи, оздравени се 1.164 и починати се 49 лица. Во моментот активни се 260 случаи.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира