Само едно лице од сите контакти на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е позитивен на ковид-19, ќе оди во изолација. За сите други кои изминатиов период имале контакт со Спасовски, епидемиолозите оцениле дека нема ризик да се заразат.
„Издадено е едно решение по основ на контакти по спроведена епидемиолошка анкета на лицата кои биле во контакт, и оценето е дека само за еден лице постои ризик од среден односно висок степен на загрозеност“, рече директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирена Сотирова-Бухова, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Министерот Спасовски во понеделникот доцна навечер на својот фејсбук профил објави дека е позитивен на ковид-19. Тој во неделата беше во друштво на премиерот Зоран Заев и неколкуте високи партиски функционери на СДСМ за време на дигиталниот конгрес на владејачката партија. Во понеделникот, Спасовски напладне се појави на акција за засадување дрва по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите нации во околината на Велес. На акцијата имаше претставници на Обединетите нации и дел од дипломатскиот кор во земјава. На настанот беше присутен и премиерот Заев.
По Спасовски, вчера вечерва и портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска објави дека е позитивна на ковид-19. Кузевска во неделата учествуваше на дигиталниот конгрес од седиштето на партијата.
Премиерот Зоран Заев вчера на фејсбук напиша дека направил ковид тест и резултатот е негативен.
А. АНТЕВСКА