ЦРВЕНКОВСКИ Е ИСТОРИЈА, СО ГОДИНИ МОЛЧЕШЕ И НЕМАШЕ СТАВ ЗА ВАЖНИ ДРЖАВНИ ПРАШАЊА, МУ ОДГОВОРИЈА ОД СДСМ НА БАРАЊЕТО ПАРТИЈАТА ДА СЕ ОГРАДИ ОД СТАВОВИТЕ НА ЗАЕВ ЗА БУГАРИЈА

    ЦРВЕНКОВСКИ Е ИСТОРИЈА, СО ГОДИНИ МОЛЧЕШЕ И НЕМАШЕ СТАВ ЗА ВАЖНИ ДРЖАВНИ ПРАШАЊА, МУ ОДГОВОРИЈА ОД СДСМ НА БАРАЊЕТО ПАРТИЈАТА ДА СЕ ОГРАДИ ОД СТАВОВИТЕ НА ЗАЕВ ЗА БУГАРИЈАВо партиското соопштение се вели дека Црвенковски е историја и дека секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк, а ставот на Заев е став на партијата; - Заев и Црвенковски на партискиот конгрес во октовмри 2016. (Фото: СДК.МК)

    Искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер Зоран Заев се ставови на СДСМ, му одговорија од владејачката партија на поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски. Поранешниот премиер и претседател на државата Црвенковски, денес побара партијата да се огради од ставовите на Заев искажани во интервјуто за бугарската државна агенција „БГНЕС“, за кои рече дека ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

    Во партиското соопштение се вели дека Црвенковски е историја и дека секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Од таму додаваат дека ова раководство на партијата избрало да носи храбри и патриотски одлуки, кои ја движат македонската држава кон исполнување на стратешките цели, НАТО и ЕУ.

    „Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори. Обраќањето на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните. Дали е тоа принципиелен однос кон својата партија и кон членството на СДСМ, ќе ценат членовите на СДСМ и граѓаните“, се вели во партиското соопштение.

    Од таму велат дека нема да навлегуваат во личните мотиви на Црвенковски, кои биле искажани во клучни моменти кога на цела држава ѝе потребен разум за остварување на стратешките цели поставени од независноста, меѓу кои и членство во ЕУ.

    „СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред многу одамна, а Црвенковски е историја. СДСМ била, е и ќе остане државотворна партија и својата државотворност секогаш ја зајакнувала во вакви исклучително важни моменти“, велат од СДСМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира