БОГДАНОВИЌ ЧЕКА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА СТЕФОСКА ДА КАЖЕ ШТО ЌЕ СЕ ПРАВИ СО ПОРТАТА И СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА

    БОГДАНОВИЌ ЧЕКА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА СТЕФОСКА ДА КАЖЕ ШТО ЌЕ СЕ ПРАВИ СО ПОРТАТА И СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗАОпштина Центар испратила писмо до Министерството за култура за официјален одговор и став за овие два објекти бидејќи се под надлежноста на Министерството. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Општина Центар чека Министерството за култура да каже дали ќе се избришат маркичките за споменикот на Мајка Тереза и Порта Македонија од новиот Детален урбанистички план (ДУП) Мал ринг. Општина Центар, каде се работи на изработка на новиот план, испратила писмо до Министерството официјално да им одговорат каков е нивниот став за овие објекти и што ќе се прави со нив. Градоначалникот Саша Богдановиќ бара министерката Ирена Стефоска да даде став по ова прашање, бидејќи тие објекти се под надлежноста на Министерството за култура.

    „Испратени се писма во неколку институции, бидејќи станува збор за комплексен план, не само за одговорности и надлежности на Општината, туку и на државата и на Град Скопје. Очекуваме соодветни одговори од нив за да знаеме како да постапиме со објектите кои не се под наша надлежност, како што се Портата Македонија, споменикот на Мајка Тереза и галиите во Вардар“, вели Богадновиќ, кој се надева дека до крајот на декември ќе ги добијат одговорите, со што планот ќе биде затворен од нивна страна и предаден на одобрување во Град Скопје и Министерството за транспорт и врски.

    Во однос на галиите одговор треба да се добие од Град Скопје, за што градоначалникот Петре Шилегов вели дека тој останува на ставот дека тие треба да се избришат и да се урнат, за што е почната постапка. Иако Шилегов најавуваше дека есенва две од трите галии ќе се тргнат од Вардар тие не се чепнати, бидејќи како што објаснува, сè уште траат судските постапки по жалбите на сопствениците.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира