Австрискиот амбасадор во Македонија Георг Вуцас во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не е точно оти Австрија денеска или вчера го блокирала усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето, туку дека земјата засилено работи да се постигне консензус во Советот што поскоро, и ги поздравува досегашните напорите на Германското претседателство во Советот за оваа цел.
„Австрија смета дека ЕУ нема да биде комплетна без Западен Балкан. Така што, Австрија силно го поддржува проширувањето и интеграција на регионот во ЕУ и, особено, усвојувањето на Преговарачката рамка и договорот за првата Меѓувладина конфереција со Северна Македонија и со Албанија. Сите овие споменати одлуки бараат консензус на сите 27 земји-членки на ЕУ. Но неделава не беше постигнат консензус ниту за Преговарачката рамка и за првата Меѓувладина конференција, ниту пак за заклучоците на Советот, иако различни партнери го спречуваат консензусот“, вели амбасадорот Вуцас, откако вчера Чешка и Словачка не дадоа согласност за заклучоците на ЕУ за проширувањето.
Во завршниот текст на заклучоците, на барање на Бугарија беше ставена фразата „погрешно толкување на историјата“, а Чешка и Словачка сметаат дека тоа е штетно и ќе предизвика компликации.
„Нема да дозволиме Европската унија да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, кажаа вчера во заедничка изјава чешкиот и словачкиот министер за надворешни работи, Томаш Петричек и Иван Корчок.
На ова вчера реагираше и Министреството за надворешни работи на Бугарија, кое кажа дека ветото врз заклучоците на Советот „ризикува поткопување на довербата во ЕУ и спречување на ЕУ да ги испраќа толку потребните сигнали до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат мора да ги преземат“ и побара Советот да овозможи заклучоците да се усвојат за време на тековното германско претседателство со Советот на ЕУ, кое истекува на 31 декември.
Бугарија, пак, на 8 декември стави вето на усвојувањето на Преговарачката рамка за Македонија, со барање земјава да прифати бугарски корени на македонската нација и на македонскиот јазик.
М. КОСТОВА