ЌЕ СЕ КАНДИДИРАМ ЗА ВТОР МАНДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ЌЕ СЕ КАНДИДИРАМ ЗА ВТОР МАНДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВШилегов вели дека она што го сработил изминативе три години му даваа за право да побара од СДСМ поддршка за неговата кандидатура за наредните локални избори.(Фото:СДК.МК)

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов е влезен во последната година од својот прв мандат. На нецела година пред локалните избори кои ќе се одржат во октомври 2021, Шилегов во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК најавува дека сака да се кандидира за уште еден четиригодишен мандат и ќе бара поддршка од матичната партија СДСМ за неговата кандидатура. Зборува што сработил изминативе три години, зошто одредени ветени проекти не се ниту почнати и зошто верува дека граѓаните ќе му дадат доверба за втор мандат.

    • Во клучната година од вашиот градоначалнички мандат се случи пандемијата на ковид-19. Какви се последиците, каква е финансиската состојба, има ли пари Градот?

    2020 година е лоша година не само за Град Скопје и за нашата државата тука за целиот свет. Имавме убав старт на годината и некаде кон средината на март сè се прекина и влеговме во нешто што беше многу ново за сите нас, немаше од каде да црпиме искуства, учевме во од. После првичниот шок, успеавме Градот како институција да го ставиме во вистински колосек и барем за услугите кон граѓаните и основните дејности да немаме видливи последици без разлика на големината на кризата. Нормално е дека ваква една криза носи со себе замирање на економската активност и нормално дека тоа се одрази врз буџетот на Градот Скопје. Успеавме тоа да го бајпасираме со сериозна инвестиција во инфраструктурата и очекувам дека инвестициите во 2021 ќе почнат да враќаат и ќе успееме стабилно фискално да ја издржиме наредната година иако 2020 остави сериозни последици во Градот.

    • Колку е задолжен Градот?

    Откако сум јас дојден за градоначалник Градот е задолжен само со 12 милиони евра, кредит кој прво беше земен за Луна паркот, но поради коронакризата го пренаменивме за изградба на сообраќајници. Кредитот од 10 милиони евра за новите еколошки автобуси купени од германски МАН го исплаќа ЈСП „Скопје“, Град Скопје е само гарант.

    • Што не направивте, а беше во план да сработите во 2020. Што ќе имавме сега да не беше ковид-19 освен новогодишна прослава?

    Ќе имавме Луна парк во поодмината фаза на имплементација, што за мене сè уште останува на високите приоритети, меѓутоа тоа откажување мораше да го направиме. Еве и да имавме готов Луна парк тој немаше ни да биде во употреба оти таков тип на инсталации е недозволив за употреба во пандемија. Во зависност од финансиските можности можно е да се почне со негова реализација во 2021.

    „Ние градоначалниците не сме фараони па да правиме пирамиди на сопственото владеење, овој објект го направи овој, оној објект оној градоначалник“, вели Шилегов. (Фото:СДК.МК)

    • 2021 е последна година од вашиот градоначалнички мандат, кои ќе ви бидат приоритетите догодина?

    Готово е проектирањето и финансиската конструкција да го започнеме мостот во Карпош 4 во продолжение на улицата Љубљанска кај ‘Сити мол‘, кој ќе излезе во првата фаза кај Бардовци на улица Скупи, а во втората фаза би се споил со булеварот Словенија кој планираме да го продолжиме до Волково. Готова е и документацијата и дел од финансиската конструкција за големата клучка кај Момин поток, со што таа рак рана од сообраќајот во тој дел од градот ќе го стави во една поинаква функцијата и од тесно грло би станала проточна и модерна сообраќајница.

    • Кога би бил готов овој проект?

    Многу е комплексен проектот, станува збор за неколку нивоа на сообраќајници со надвозници и подвозници и мислам дека градежните активности таму ќе се одвиваат од 1,5 до 2 години. Меѓутоа ние одиме плански, годинава го реконструиравме булеварот 8 Септември, сега работиме на булеварот Никола Карев до Момин поток каде ќе биде клучката, а кај „Хубо маркет“ ќе се прави кружен тек. Можеби ќе биде потребно повеќе време, но сметам дека тоа ќе биде еден од најдобрите сообраќајни решенија во нашиот град.

    • На стартот на мандатот најавивте реализација на тунелите под Кале, а сега на крајот од вашиот мандат немате ниту проект за нив?

    Градот избра фирма, почна проектирањето, но во предвидениот рок проектот не го добивме, па го раскинавме договорот. За таков комплексен проект којшто ќе го смени Скопје како град, а од технолошки аспект сложен за изведба, мислам дека не смееме да си дозволиме импровизација. Значи тоа не е откажан проект, подобро е да загубиме повеќе време на проектирање и добро планирање за да изведбата ни биде поедноставна и квалитетна отколку пошто-зошто да направиме некаков проект и да започнеме со неговата имплементација, како што е на пример автопатот Кичево-Охрид. Лошото планирање доведе да и сега после 5-6 години од стартот на градежните работи за 50 километри автопат, тој сè уште да не е готов. Мојот план е во февруари повторно да се распише тендерот за да избереме сериозен партнер кој нема да нанесе штета на Градот.

    • Тоа значи ќе чекаме ваш втор мандат?

    Не мислам дека таквите фундаментални работи треба да се мандатно врзани за еден човек. Ние градоначалниците не сме фараони па да правиме пирамиди на сопственото владеење, овој објект го направи овој, оној објект оној градоначалник. Градот не е таква материја која треба да трпи таков вид на импровизација. Ако е тоа стратешки објект за градот како таков може да го обележи еден човек, меѓутоа може и повеќе луѓе имајќи ја предвид комплексноста на тој проект.

    • Ќе се кандидирате ли за втор мандат?

    Промените кои се случуваа во нашиот се сериозно видливи во сите урбани полиња. Не само инфраструктурата туку и малку поинаков третман на комуналниот отпад, поинаков третман на јавните површини, како и темелно и студиозно работење на најкомплексните работи. Четириесет години се зборувало за трамвај, а ние сме во завршна фаза на имплементација на Бас рапид транзитот или брзиот автобуски превоз. Законот за задолжување е во Собранието и по основ на тој закон ние некаде во април би можеле да создадеме услови да се распише тендер за негова имплементација и очекувам до крајот на 2023 да биде во употреба. Мислам дека сето тоа ми дава за право да побарам од СДСМ да ја поддржи мојата кандидатура за наредните локални избори за повторен избор за градоначалник на Скопје. Јас сум човек што ги почитува постапките и процедурите и имајќи предвид дека сум политички претставник на политички партија ќе барам легитимитет да добијам од мојата партија. Очекувам дека таков легитимитет ќе добијам, а граѓаните сето ова што го работев изминативе години ќе го верификуваат на локалните избори.

    Шилегов вели не е точно дека реконструира само улици, да се работело како што треба во Градот пред него, нема да имало толку нерешени проблеми.(Фото:СДК.МК)

    • Зошто мислите дека граѓаните би ви дале доверба на изборите догодина, заради кои проекти?

    Јас не сакам така да ги гледам работите, но ако така ги гледаме тогаш еве нека биде Бас рапид транзитот, нешто што многумина го зборуваа ние го доведовме до крај. Некаде во јуни ќе биде готов мостот во Аеродром кој по големина е како мостот Гоце Делчев. Готов е дел од северниот секундарен сообраќаен прстен тоа е булеварот Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски-Карпош и повеќе добива контури тоа што го зборував 2017 година. До лето ќе биде булеварот Никола Карев од касарна Илинден до Момин поток и улицата Есенинова. Ќе почнеме со преуредување на Кејот кој ќе биде завршен до лето, пролетва ќе стигнат уште нови комунални возила, садиме висококвалитетно зеленило кое не само што влијае за почист воздух, туку ги разубави јавните површини низ градот. Ја вративме депонијата „Дрисла“ во надлежност на Градот. Нешто што создаваше контроверзи седум години откако претходното раководство ја даде под концесија на италијанската фирма, ние го решивме. Ќе го препознаат сето ова граѓаните, убеден сум во тоа. Да не зборувам дека Градот има добра стратегија за инспекциски надзор, гасификација и затоплувањето на домовите.Така што од аспект на стратешко решавање на проблемите сега ги имаме најдобрите перформански во изминативе неколку децении кога е инспекторирањето на индустриските капацитети во прашање, јавниот транспорт и затоплувањето на домовите. Таква една целосна слика дава можност за добро, планско надминување на проблемот со загадувањето во скопската котлина.

    • Нели мислите дека малку споро се одвиваат одредени проекти. Три години откако сте градоначалник уште за овие стратешки проекти особено за проблемот со загадувањето, преземањето на топловодната мрежа, формирањето комунална полиција зборуваме со ‘ќе‘. Не мислите ли дека само реконструирате улици?

    Секако дека  не. Да го работеле Градот како што треба пред мене, не ќе сме имале толку нерешени проблеми. Кога ги поставувате работите стратешки тоа значи дека по дефиниција одите поспоро. Ако сакате да фрлате песок во очи со цел да ги заслепите граѓаните тоа може да го направите многу лесно. Јас не сум човек којшто верува во брзи, избрзани и паушални решенија.Такво владеење со Градот сме имале години наназад. Ја кога дојдов за градоначалник за жал констатирав дека Градот ги немал овие стратегии. Единствено нешто што помогна во делот на Бас рапид транзитот беше студијата од Трифун Костовски за трамвајот, но и таа е од Ново Лисиче до комплекс банки, не за цела траса. Но, тоа беше стратешки документ за нашиот град. Таков тип на стратешки документи Градот немаше. Сега можеме да зборуваме дека се создадени услови за забрзување на постапките и процедурите. За жал до сега немавме таква работа.

    • Тоа значи дека доколку би добиле втор мандат би ви било многу полесно?

    Тоа значи дека Градот има можност многу поинтензивно да влезе во реализација на сите овие работи.

    • Се почувствувавте ли поразено кога ја видовте снимката од „бентлито“ што слободно си се вози низ Плоштадот, снимката од ТикТок на која 24-годишник вози низ пешачка патека или кога ќе поминете низ Кејот и ќе видите десетици испаркирани коли. Толку ли е тешко да се реши овој проблем?

    Работиме на тоа сите вакви прекршоци да бидат санкционирани од страна на Министерството за внатрешни работи. Токму поради ваквите појави јас од стартот на мојот мандат барам и говорам за комунална полиција. Но, годинава се случи ковид-19 и ваквите прашања не беа во преден план. Мислам дека наредната година пандемијата ќе биде зад нас, па ќе се фокусираме на решавање на овие прашања и проблеми, кои и тоа како ги засегаат граѓаните. Еве на самиот почеток на Новата година ќе стартуваме со реновирање на Кејот 13 Ноември, со што ќе се реши проблемот со влезот на возила на шеталиштето, а воедно тоа ќе добие еден многу поубав изглед.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира