ЛАНИ ЗАПАЛЕНИ ВКУПНО 70 КОНТЕЈНЕРИ ВО СКОПЈЕ

    ЛАНИ ЗАПАЛЕНИ ВКУПНО 70 КОНТЕЈНЕРИ ВО СКОПЈЕЛани во Скопје биле собрани се 158.476 тони комунален отпад. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Лани низ Скопје се поставени 200 нови контејнери со зафатнина од 3,2 метри кубни и 500 нови корпи за ситни отпадоци. Во овој период, запалени биле 70 контејнери, а сторителите се непознати.

    Нови 47 возила за собирање ѓубре и чистење и миење на улиците низ Скопје ќе купи годинава јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Од претпријатието велат оваа набавка ќе се реализира пролетва и со тоа многу поефикасно и поквалитетно ќе се извршуваат активностите.

    „Лани за три проценти беше зголемено количеството на подигнат отпад од домаќинствата во Скопје односно собрани се 158.476 тони комунален отпад. Преку координирани заеднички активности со Градот Скопје и останатите градски јавни претпријатија, беа реализирани акции за генерално чистење на сите скопски општини, како и комплетно расчистување на двете страни на кејот на реката Вардар, каде што беа поставени 120 нови корпи наменети за одлагање ситни отпадоци. Изминатите 12 месеци, исчистено е над 9.000 метри кубни отпад од диви депонии, создадени  како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти“, велат од „Комунална хигиена“ во извештајот за работата во 2020 година.

    Претпријатието лани воведе нова услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните. Граѓаните коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да нарачаат екипите на „Комунална хигиена“ со специјални возила да го преземат и да го транспортираат кабастиот отпад. Оние што имаат обезбедено сопствен превоз, може бесплатно да го одложат својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, во терминот од 7 до 19 часот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира