ВЛАДАТА ДА ГИ ОДЗЕМЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОХРИД И СТРУГА ОТИ НЕМААТ ВОЛЈА ЗА УНЕСКО ЗАШТИТА, ЌЕ ПОБАРА МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА ПО УРИВАЊЕТО НА „ПАРК“

    ВЛАДАТА ДА ГИ ОДЗЕМЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОХРИД И СТРУГА ОТИ НЕМААТ ВОЛЈА ЗА УНЕСКО ЗАШТИТА, ЌЕ ПОБАРА МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА ПО УРИВАЊЕТО НА „ПАРК“Хотелот ќе се гради на местото на објектот дело на охридскиот архитект Павел Балабанов, награден на Биеналето на македонската архитектура во 1989. (Фото: Охрид СОС)

    Очигледно дека Општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини, соопши денеска министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска откако почна да се урива ресторанот-дискотека „Парк“ на брегот на Охридското Езеро, наградувано дело на архитектот Павел Балабан од 1989.

    Министерката Стефоска кажа и дека во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид како и Управата за заштита на културното наследство.

    Активистите на Охрид СОС и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) побараа да биде објектот заштитен како споменик на културата, а Иницијативата беше испратена до сите надлежни министерства, музеи и институции за заштита на културното богатство, а и лично до премиерот Зоран Заев. На 4.525 метри квадратни на просторот кај ресторанот и дискотеката „Парк“ во Охрид ќе се гради нов хотел. Според одобрението за градба од 2018, инвеститорот, градежната фирма „Ремис“, ќе гради хотелски комплекс од приземје три ката и поткровје.

    Охрид ЅОЅ објави дека денес поднесе иницијатива за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат поради прекршувања на одредби од Законот за градење што претставуваат кривични дела според Кривичниот законик. Одобрението за градење е правосилно од 6 јули 2018, а првпат градежни работи се одвиваат во 2021 што е речиси една година по истекот на важноста на одобрението за градење.

    На крајот на февруари, граѓанската иницијатива Охрид СОС реагираше дека на ова место ќе се урива постоечкиот специфичен објект што е дело на реномиранот охридски архитект Павел Балабан, кој за него го доби специјалното признание на Биеналето на македонската архитектура во 1989.

    „Запрашан за најомилено свое архитектонско чедо, Балабанов го издвојува ресторанот ‘Парк’, од причина што креативниот процес бил највозбудлив. Дали навистина ќе се урива репрезентативен објект, дел од охридското архитектонско наследство на 20 век чиј габарит и висина беа вклопени во опкружувањето?“, реагираше Охрид СОС.

    На 1 март, Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ)повика да се стопира изградбата на хотелот на местото на ресторанот „Парк“ додека не се добие позитивна стручна анализа за проектот. Барање се засноваше на податокот дека објектот со својата форма, дизајн, габарит и функција создава симбиоза меѓу природата и артифициелното, односно Охридското Езеро и околината со автентичната охридска архитектурата од 20. век.

    „Во неможност за увид во плановите и проектите за новиот објект- хотел, кој треба да го замени постојниот награден објект, како и стручна анализа за усогласеноста на Урбанистичкиот план со плановите од повисоко ниво и законската регулатива, бараме да прекине постапката за градење до нивно објавување и позитивна стручна анализа со вклученост на стручната јавност“, оопшти тогаш Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

    ААМ кажа дека во време кога се соочуваме со опасност од одземање на статусот на Охрид и Охридскиот Регион како природно и културно наследство на УНЕСКО, градоначалникот на Општина Охрид и сите надлежни институции треба да постапуваат согласно и исклучиво со законските уредби, пропишаните правила и прописи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира