ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ Е СТАБИЛЕН, ИМА ПРАЗНИ КРЕВЕТИ, ЗАСЕГА НЕ ВОВЕДУВАМЕ НОВИ МЕРКИ, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ Е СТАБИЛЕН, ИМА ПРАЗНИ КРЕВЕТИ, ЗАСЕГА НЕ ВОВЕДУВАМЕ НОВИ МЕРКИ, ВЕЛИ ВЛАДАТАВо земјава болниците се полни, а нема вакцини за да почне масовната вакцинација на населението. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата засега нема намера да воведе дополнителни рестриктивни мерки против ковид-19 иако  секој ден има зголемен број новозаразени, починати и хоспитализирани болни, одговорија од Владата на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто веќе не се размислува и за скратување на работното време на угостителските објекти и на трговските центри, кога уште нема вакцини за да почне масовната вакцинација на населението, ниту пак се знае кога тие ќе стигнат.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК колкава треба да е дневната бројка на новозаболени, хоспитализирани и на починати од ковид-19 за Владата  да одлучи да донесе поголеми рестрикции, од таму ни одговорија дека во моментов здравствениот систем е стабилен и има празни болнички кревети.

    „Владата носи одлуки врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство Венко Филипче веќе најави дека не се исклучува и заострување на мерките доколку бројката на заразени продолжи да расте. Најважно е дека здравствениот систем е стабилен, навреме се проширени капацитетите и нема недостиг на кревети. Се прават опсежни анализи поврзани со здравствената состојба. Доколку Комисијата за заразни болести донесе предлог и има промена на протоколот за работа на овие економски субјекти и истиот биде усвоен на Влада, јавноста веднаш ќе биде известена“, велат од Владата.

    Владата го продолжи полицискиот час од 22 до 5 часот до 6 април.

    На 19 март, министерот за здравство Венко Филипче рече дека се очекува во наредните денови да се стабилизира бројката на новозаболени од ковид-19 под илјада дневно, и дека се очекува полицискиот час да даде резултат. Но, оттогаш до денеска, бројката на новозаразени не само што не падна под 1.00 дневно туку, денеска повторно е 32 отсто од бројот на тестирани, што бележи тренд на пораст за изминативе 10 дена.

    Во овој период, константно голема и во пораст е и дневната бројка на починати. Највисоката во овој трет бран засега беше на 22 март, кога починаа 30 болни. Ова е највисока дневна бројка на починати од почетокот на коронакризата, откако на 9 декември лани починаа 46 ковид болни.

    Пациентите и матичните лекари кои ја контактираа нашата редакција велат дека не е најголем проблем бројот на болнички кревети, туку третманот и следењето на болеста кај оние што се со полесна и средно-тешка клиничка слика и не се за хоспитализација. Тие луѓе едноставно се оставени сами на себе.

    На пример, испитувања на Д-димери и Це-Ер-Пе за ковид болните во Скопје, биохемиски анализи кои се од витално значење за правилно следење на состојбата на болеста, се прават само по еден час во денот во поликлиниките „Бит Пазар“, „Јане Сандански“ и „Драчево“, па пациентите и матичните лекари реагираат дека тешко се доаѓа до слободен термин.

    Во моментов во Скопје има над 8.000 активни случаи на ковид-19.

    Директорот на Здравствен дом Скопје Виктор Исјановски пред десетина дена изјави дека приемот на пациентите во овие поликлиники е од 11 часот до 12 часот секој работен ден од понеделник до петок и дневно се изработуваат по 35 анализи во секоја од трите. На 12 март тој најави дека наскоро испитувања на Д-димери и Це-Ер-Пе за ковид болните ќе се прават и во скопските поликлиники „Букурешт“ и „Идадија“, но речиси 2 недели подоцна тие термини уште не се пуштени.

    Поради малиот број термини на државно, голем број ковид болни мора овие крвни анализи да ги прават на приватно, што чини по 1.500 денари за една, а во текот на боледувањето треба да се направат барем 3 за еден пациент.

    Премиерот Зоран Заев и денеска, при посетата на фабриката „Брако“ во Скопје беше прашан кога ќе стигне поголема количина вакцини во земјава со што би почнала масовната вакцинација, но не прецизираше точен датум. Рече дека до крајот на месецов ќе стигне доза од ковакс механизмот, но додека не бидат товарени вакцините, не може да каже кога ќе дојдат во земјава.

    Денеска во земјава се регистрирани 1.374 нови позитивни на ковид-19, а починаа 17 лица меѓу кои и две девојки на 23 и 24-годишна возраст. Во ковид-центрите во Скопје денес беа хоспитализирани 79 пациенти, а вкупно низ цела држава во болница се лекуваат 1.427.

    Во моментов, во земјава има вкупно 16.030 активни ковид болни, од кои Скопје во се 8.116, а другите во 35 градови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира