Во Охрид започна процесот на вакцинација против ковид-19. Во Здравствениот дом од денеска населението над 77 години ќе ја прими првата доза на вакцината на „АстраЗенека“. Вакциналниот пункт се наоѓа во просториите на Службата за превентивна здравствена заштита на деца и младинци.
Закажувањето оди преку матичните лекари, а пунктот ќе е отворен од понеделник до петок од 8 до 20 часот.
„Во првата пратка добивме 800 вакцини на ‘АстраЗенека’ и планираме дневно да вакцинираме по 70 лица од општинава. Кога ќе ги потрошиме континуирано ќе пристигнуваат нови вакцини. Интерес има кај населението“, изјави Ајсел Зејноска, директорка на Здравствен дом Охрид.
И во Струшко пристигнаа првите вакцини за масовна имунизација. Општина Вевчани доби 100 вакцини, а имунизацијата ја започнува в петок.
„Термините за првиот ден се веќе пополнети. Ќе се вакцинираат по 20 лица на ден. Кога ќе пристигне поголема пратка ќе работиме во две смени. Во овој момент имунизацијата ќе се врши само во една смена“, вели Јован Стојкоски, директор на Здравствен дом Вевчани.
Вакциналните пунктови од идната недела во Општина Вевчани ќе се прошират и во Велешта и Лабуништа. Состојбата со ковид позитивни во оваа струшка општина е стабилна, бројот на заразени не надминува 20 пациенти. Според Стојкоски, вирусот ја намалува силата по големиот број лица кои претходно беа заразени. Со масовната имунизација се очекува бројката на новозаболени да се сведе на минимум.
Во Струга пристигнаа 400 вакцини на „АстраЗенека“, а веќе од петок стартува имунизација на постарите лица.
„Спремни сме и кадровски и просторно и во секој поглед. Имаме пунк по сите правила и прописи, персонал имаме, три екипи можеме да вклучиме“, вели Андон Ложанкоски директор на Здравствен дом Струга.
Во Струшката болница хоспитализирани се само 18 позитивни на ковид-19, Итната медицинска помош дневно има 50-тина посети на заболени на домашно лекување, со полесна клиничка слика.
Во Струга интересот за вакцинација е се помал во однос на првично пријавените. Матичните лекари велат дека луѓето стравуваат да ја примат вакцината на „АстраЗенека“ по бројните негативни написи изминатиов период за вакцината на британско-шведската фармацевтска компанија.
С. ВРЕНЦОВСКА