ИНВЕСТИТОРОТ НИ РЕЧЕ ЌЕ ГРАДИ КУЛИ И НА НАШИТЕ ПАРЦЕЛИ, ВЕЌЕ ПРЕГОВАРАМЕ И БАРАМЕ ПРОЕКТОТ ДА ПРОДОЛЖИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА НОВО МААЛО

    ИНВЕСТИТОРОТ НИ РЕЧЕ ЌЕ ГРАДИ КУЛИ И НА НАШИТЕ ПАРЦЕЛИ, ВЕЌЕ ПРЕГОВАРАМЕ И БАРАМЕ ПРОЕКТОТ ДА ПРОДОЛЖИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА НОВО МААЛОЖителите на Ново Маало велат откако ќе стартува градбата на првата парцела, проектот ќе се прошири и ќе се гради и на нивните парцели. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Жителите на Ново Маало кои се дел од останатите две градежни парцели 1,2 и 1.3 на просторот кај „Холидеј ин“, велат велат дека се во преговори со инвеститорот „МГ Фешн“ висококатници да се градат и на местото на нивните куќи. Тие денеска организираа прес-конференција за да дадат поддршка на презентираниот проект за парцелата 1.1. која не опфаќа ниту една куќа, туку е Ппредвиден само за продаденото државното земјиште и парцелата на Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

    Тие побараа премиерот Зоран Заев и Општина Центар да не го есапат барањето на архитектите и граѓанските организации да се стопира Деталниот урбанистички план (ДУП) и да се спречат овие градби, туку да ги послуша нив и да дозволи нивните куќи да се урнат и да се изградат згради со што би имале нормални услови за живот.

    На прашање на новинарите дали знаат дека проектот кој беше презентиран во средата не ги опфаќа нивните парцели тие рекоа дека се свесни за тоа, но очекуваат дека откако ќе стартува градбата на првата парцела, проектот ќе се прошири и ќе се гради и на нивните парцели.

    „Живееме во супстандарди услови. Долги години пропуштаме инвеститори, не смееме да го пропуштиме и овој. Тоа нема да го дозволиме. Убаво го видовме проектот, тој има и зеленило и кога тој ќе почне да се гради ќе можеме и ние да го решиме нашето прашање. Сме се гледале со инвеститорот, ни беше покажано што ќе се гради и сме во фаза на преговори и на нашите парцели да се градат згради, а за возврат да добиеме станови“, вели Игор Стојанов жител на Ново Маало.

    Жителите кажаа дека на двете парцели кои не се опфатени со презентацијата живеат околу 2.000 жители. Тие велат дека проектот за кулите е модерен, светски и доликува за оваа атрактивна локација.

    На презентацијата на идејниот проект за парцелата 1.1. беше кажано дека проектот опфаќа три згради од 16, 20 и 22 ката. Прво ќе се гради зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА и всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот. Такму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката. За овие два објекти дополнително ќе се платат комуналии, а за секоја Градот и Општината ќе наплатат приближно колку висината на комуналиите за првата зграда.

    На презентацијата не беше кажано што ќе биде со останатите две градежни парцели, дали инвеститорот планира да гради и таму. Управителот на МГ „Фешн“ Илија Божиновски кажа само дека нудат соработка на Општина Центар наместо плоштад четвртата парцела да прерасне во парк налик светските метрополи. Тие би биле инвеститори за негово подигнување и соодветно би ги обештетиле сопствениците кои имаат куќи во таа парцела, иако не е градежна.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира