Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ се плаши да се донесе одлука за суспензија на Деталниот урбанистички план за просторот кај „Холидеј ин“ оти инвеститорот би можел да ја тужи Општината. На денешната седница на Советот на Општина Центар воопшто немаше точка на дневен ред по која Советот ќе се произнесе дали да се суспендира планот, туку само информација околу процесот за ревидирање на ДУП-овите и можностите кои ги има Општината по укинување на мораториумот.
Градоначалникот Саша Богдановиќ половина час на советниците им ги објаснуваше сите постапки од почетокот на процесот на мораториум за градба до неговото укинување од Уставен суд лани во декември. Потоа продолжи со образложување на членот 23 од Законот за урбанистичко планирање според кој се нуди можност за суспензија на сите планови за кои постои стручен наод за непрофесионалност, незаконитост и нестручност.
Богдановиќ рече дека овој закон е лош, има низа недоречености поради кои Општината може да сноси последици. Кажа дека законот дозволува суспензија на плановите на 6 или 12 месеци, но исто така се дава можност по завршување на суспензијата оштетени лица од промената на планот да поднесат тужба.
„Прво сите знаеме какви се процедурите и дека е невозможно во рок од 12 месеци да се донесе нов план. Исто така јас како градоначалник на овој Совет морам да му кажам дека после суспензијата на планот некој може да тужи и тогаш кој ќе ја плати штетата. Со мораториумот и претходниот закон немаше таква одредба. Имало случаи кога лица тужеле бидејќи со измена на планот имале штети по приватната сопственост и сега тие се обесштетени од државата со околу 8 милиони евра. Нас ни се подготвени елаборатите, но што ако после суспензијата некој тужи“, рече Богдановиќ пред советниците објаснувајќи дека тие ја носат одлуката, а не тој.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК каков е неговиот став како градоначалник кој го избрале граѓаните на Центар да ја води Општината и да носи одлуки и зошто откако ги предупреди советниците не им кажа дали тој смета дека треба да се донесе одлука за суспензија или не треба, Богдановиќ во неколку наврати избегнуваше дирекно да одговори.
„Мојот став е дека мора да продолжи ревидирањето на деталните планови“, ни рече Богдановиќ, но не сакаше да каже дали преку суспензија или преку редовна постапка. Разликата е во тоа што преку суспензија планот не може да се реализира 12 месеци и тоа значи дека никој не може да добие градежна дозвола, а преку редовна постапка додека трае менувањето Општината мора да издава дозволи за градба врз основа на стариот план.
На седницата на градоначалникот единствено му реплицираше советничката Јана Белчева-Андреевска која рече дека ваквото образложение остава впечаток дека Општината и градоначалникот не работат во интерес на граѓаните туку за затскриени интереси.
„Градоначалник ако нешто се сака, ќе се направи. Ако се сакаше досега можеше да се поднесат елаборатите за суспензија на плановите. Ме прашувате кој ќе ја плати таа штета, па истите тие граѓани кои изминативе години откако сте градоначалник го плаќаат кошаркарскиот клуб ‘Работнички‘ и за кого од парите на граѓаните дадовме 78 милиони денари. Здравјето и хуманото живеење на граѓаните треба да биде поважно од сè“, рече Белчева-Андреевска.
Потоа без да се донесе некаква одлука или заклучок претседателката на Советот Цветанка Симоновска ја прекина седницата бидејќи дебатите се вртеле во круг и велејќи дека медиумите погрешно пренеле дека Советот денеска треба да донесе одлука за суспензија. Рече дека тоа не било точно и на седницата само требало градоначалникот да им даде информација.
Инаку утрово министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека имал средба со градоначалникот Богдановиќ и дека денеска Советот на Општина Центар треба да донесе одлука дали ќе се стопира планот кај „Холидеј ин“, по што тие ќе имаат рок од 15 дена да дадат мислење.
Не беше кажано дали ќе се закаже нова седница за носење на одлука за суспензија иако елаборатите се подготвени. Во меѓувреме инвеститорот „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА можат секој ден да поднесат барање за дозвола за градба бидејќи веќе за една зграда проектот им е одобрен од Општината и се платени комуналии од 2,4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар.
А. АНТЕВСКА