МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ Ѝ ПРЕДЛОЖИ НА ВЛАДАТА ПОБРЗО ДА СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ДА СЕ ИСПЛАТАТ ПАРИ ЗА ПРОЕКТИТЕ ОД 2020

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ Ѝ ПРЕДЛОЖИ НА ВЛАДАТА ПОБРЗО ДА СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ДА СЕ ИСПЛАТАТ ПАРИ ЗА ПРОЕКТИТЕ ОД 2020„Свесни сме дека ваквото пролонгирање предизвикува последици кај корисниците“, вели министерката Стефоска. (Фото: К. Попов)

    Министерството за култура ќе достави предлог за разрешување на ситуацијата со исплата на пари за корисниците во културата, откако Владата на 9 февруари ја задолжи да не ги исплаќа финансиските средства на други корисници без да ја утврди законската основаност.

    Исплатата на проектите од културата за 2020 година беше стопирана на 9 февруари, со одлука на Владата и тогаш го задолжи Министерството за култура да викне Финансиска инспекција. Станува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили. Ирена Стефоска е министерка за култура од 31 август.

    „Министерството сè уште го чека го исходот од истрагата која Финансиската полиција ја спроведува за поддршката на избраните проекти од Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес за културата за 2020 година“, соопштија денес од кабинетот на министерката.

    „Свесни сме дека ваквото пролонгирање предизвикува последици кај корисниците. Затоа, Министерството за култура и во овој период ги презема сите неопходни чекори за надминување на настанатата состојба, и на Владата ќе и достави предлог за разрешување на оваа несакана ситуација“, додаваат од Министерството.

    Оттаму додаваат дека се прават напори да се исплатат парите на корисниците кои ги реализирале проектите за 2020 година, од програмите за музичка и сценско-уметничка дејност, како и за фолклорна, сценско-уметничко дејност и мултидисциплинарни дејности.

    Министерството за култура, во периодот од 1 септември 2020 до 31 јануари 2021, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, раскина договори во вкупен износ од 70.776.722,00 денари, односно над 1 милион евра. Министерството за култура спроведе внатрешна ревизија. Наодите од ревизијата, Министерството по службена должност ги испрати до Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор при Министерството за финансии, до Финансовата полиција и до Државната комиисја за спречување на корупцијата (ДКСК).

    „Во согласност со усвоените заклучоци од вчерашната седница на Владата, Министерството за култура нема да ги исплаќа средствата кон другите корисници до завршување на финансиските контроли, а со цел заштита на буџетските средства“, рекоа од кабинетот на Стефоска на 9 февруари.

    Стефоска во ноември кажа дека исплатата на проектите во културата е забавена затоа што внатрешна ревизија во Министерството за култура испитувала зошто во јуни и јули се склучувале анекси на договори за зголемување на сумите во одредени дејности и се прифаќале проекти по жалба кои претходно биле одбиени.

    „Свесни сме дека се наоѓаме пред година која нема да биде помалку лесна од претходната. Затоа работиме посветено за да креираме култура која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека Буџетот за 2020 длабоко стапнал на ‘чергата’ за 2021-ва. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава Буџетот е скратен 30 % и втората, затоа што во јуни и јули се потпишувале анексите“, рече тогаш министерката, додавајќи дека штом дошла на функцијата, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството кој се прелевал од година во година.

    „Веднаш го екипиравме Одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Поради тоа исплатите се забавени. За да не ја доведеме културата во иста ‘стапица’, посветено работевме и на препораките на Државниот завод за ревизија од 2017, во врска со начинот на распределба на средствата од годишните конкурси. Наша цел е кај сите корисници, независно од исходот, да преовладее чувството дека процесот бил спроведен во фер постапка“, кажа министерката во Владата на крајот на ноември.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира