Надлежните институции да постапат согласно законските регулативи за да се спречи ширење лажни вести по социјалните мрежи, вели Министерството за здравство за антиваксерските пропаганди и теории на заговор кои на социјалните мрежи ги шират медицински лица, дури и професори на Медицинскиот факултет, поткопувајќи го трудот на колегите во борбата против ковид-19, со што се загрозува и јавното здравје.
Министерството за здравство и министерот за здравство Венко Филипче секојдневно апелираат на што поголем интерес за вакцинација против ковид-19, како единствен начин да се постигне колективен имунитет и да се стави крај на пандемијата.
„Сите надлежни институции да постапат согласно законските регулативи за да се спречи ширење лажни вести по социјалните мрежи, со кои се доведуваат во заблуда граѓаните и се дезинформираат на штета на нивното здравје“, ни одговорија од кабинетот на Филипче на нашето прашање што ќе преземе Министерството за здравство против здравствени работници и професори на Медицински факултет, кои на социјалните мрежи шират антиваксерска пропаганда и теории на заговор против вакцинирање.
На нашато прашање дали има невакцинирани министри во Владата, од Министерството ни одговорија дека во „во Владата сите министри и заменици се вакцинирани, освен заменикот-министер во Министерството за одбрана, поради тоа што пред три месеци беше заразен со ковид-19“.
Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Старделова-Гривчева вели дека во последните години употребата на социјалните мрежи често е неконтролирана и злоупотребена. Но, за жал, вели таа, Лекарската комора во своите надлежности нема ингеренции на контрола врз социјалните статуси на докторите во државата, а ги има повеќе од 9.000 активни членови.
Против ковид-19 заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 473.657, од кои ревакцинирани се 305.804 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 760.961 дози вакцини.
Б. НЕСТОРОСКА