МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО НЕМА ДА ГО РАСКИНЕ ДОГОВОРОТ ЗА ВАКЦИНИТЕ „СПУТНИК“ ИАКО 6 МЕСЕЦИ НЕМА ИСПОРАКА

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО НЕМА ДА ГО РАСКИНЕ ДОГОВОРОТ ЗА ВАКЦИНИТЕ „СПУТНИК“ ИАКО 6 МЕСЕЦИ НЕМА ИСПОРАКАОд Министерството за здравство велат дека нарачаните 200.000 вакници „спутник“ не се платени. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство нема намера да го раскине договорот за набавка на руските вакцини против ковид-19 „спутник“, кои шест месеци не се испорачани. Во февруари, Министерството склучи договор со рускиот производител за набавка на 200.000 дози, но досега испорачани се само 6.000 вакцини. Со месеци нема испорака, ниту најава кога ќе стасаат нови количини и со која динамика ќе се одвива испораката.

    Проблем со испораката на вакцините од рускиот производител имаат и други земји, а Аргентина завчера најави дека размислува да го раскине договорот, бидејќи доцни испораката на 18,5 милиони дози.

    Од Министерството за здравство на прашање на САКАМДАКАЖАМ велат дека засега не размислуваат да го раскинат договорот, но не кажуваат ниту што предвидува тој и дали има прекршување.

    „Вакцините не се платени. Плаќањето се врши согласно склучените договори. Засега, не се размислува за раскинување на договорот. Министерството за здравство навремено ја информира јавноста за секоја пратка вакцини што пристигнуваат во нашата земја“, ни одговорија од кабинетот на министерот Венко Филипче на нашето прашање колку пари досега се платени за вакцините „спутник“.

    Министерот Филипче на 2 јуни кажа дека до 10 јули треба да стасаат 10.000 дози „спутник“, но најавата не се исполни. Вакцини не се стасани, ниту пак има најава кога ќе бидат испорачани нови количини.

    Првата пратка од 3.000 вакцини стигна во земјава на 7 март, а на Скопскиот аеродром ја пречекаа министерот Филипче и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин. Петнаесетина дена подоцна стигнаа уште 3.000 дози за ревакцинација.

    Во април преку донација од Србија, Македонија доби 40.000 дози од „спутник“ со што почна масовната вакцинација на критичните групи во земјава во салата „Арена А1 Борис Трајковски“.

    Во земјава вакцинацијата се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“. Досега, прва доза примиле 481.268 граѓани, а ревакцинирани се 318.900. Вакцинацијата се одвива без закажан термин.

    А. АНТЕВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира