ДИВОГРАДБАТА КАЈ МОМИН ПОТОК  ЌЕ СЕ УРИВА УТРЕ СО АСИСТЕНЦИЈА НА ПОЛИЦИЈА, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНА КАРПОШ

    ДИВОГРАДБАТА КАЈ МОМИН ПОТОК  ЌЕ СЕ УРИВА УТРЕ СО АСИСТЕНЦИЈА НА ПОЛИЦИЈА, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНА КАРПОШВчера на терен биле инспектори на Општина Карпош и Град Скопје и почнато е со расчистување на просторот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Инспектори на Општина Карпош и Град Скопје вчера почнаа со активности за отстранување на дивоградбата кај Момин поток и расчистување на просторот од насобраниот отпад и ѓубре. Како што велат од Општината вчера почнале активностите за расчистување на просторотот, а утре ќе продолжат со асистенција на полиција.

    „Објектот не е кренат, поставена е само долна плоча. Издаден е налог за доведување на просторот во првобитна состојба. Станува збор за државно земјиште и на тој простор не смее да има никаков објект“, велат од Општина Карпош.

    Од Град Скопје велат дека тие немаат надлежности со градбите, туку според нивните овластување можат само да реагираат за непочитување на Законот за јавна чистота.

    „Целиот простор е затрупан со отпад, со стари коли, делови и ѓубришта. На сопственикот му издадовме решение во рок од 15 дена да ги расчисти целиот простор. Доколку тоа не го направи ќе интервенираме ние, а тој ќе ги плати трошоците“, вели Мирослав Богдановиски раководител на Инспекторатот на Град Скопје.

    До пред неколку месеци на овој простор имашло само плац за стари коли  и автоделови, но постепено просторот почнал да се вршат градежни работи. Општинарите имале неколку обиди да интервенираат, но до сега не можеле бидејќи инспекторите не биле пуштани во градилиштето од сопственикот на плацот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира