Лекарската комора предупредува дека говорот на омраза кон лекарите е кривично дело за кое во Кривичниот законик се предвидени и затворски казни и потенцира дека доколку активностите продолжат ќе бидат поднесени соодветни пријави до надлежните институции.
Реакцијата на Комората следи откако вчера група граѓани во Скопје протестираа против вакцинацијата против коронавирус и ковид-мерките, со разни навредувачки транспарeнти и скандирања „Тие не се доктори, тие се убијци! Убијци, убијци!“.
„Разочаран сум, прво затоа што не слушнавме никаква реторика или порака во однос на вакцините. Тоа беше протест полн со навреди и закани за здравствените работници, кон тие кои ги ризикуваа животите и животите на нивните семејства за здравјето на пациентите, да се борат деноноќно за пациентите во сите бранови, еве и сега со овој бран“, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Комората соопшти дека најостро го осудува говорот на омраза кон лекарите кој го шират одредени структури и бара итно да престане.
„Докторите од сите нивоа на здравствениот систем во изминатите година и половина активно, одговорно и пожртвувано се борат за зачувување на животите на илјадници пациенти кои директно се засегнати од пандемијата. Во таа борба лекарите го доведуваат во опасност својот живот, животот на блиските, а дел од нив и платија со сопствениот живот. Во часовите поминати со пациентите заболени од ковид, облечени во заштитна опрема, борејќи се со многу неизвесни и непредвидливи ситуации лекарите акумулираа стрес и трауми кои исто така стануваат дел од нивниот живот. Во пандемиски услови докторите не се семоќни, а за да може да се даде најдобар одговор и да се зачуваат човечките животи треба секоја единка и целото општество заедно да работи на истата цел“, реагира Лекарската комора.
Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, уште синоќа по протестот во Скопје на толпа против ковид-мерките и вакцините против коронавирусот која скандираше „Тие не се доктори, тие се убијци! Убијци, убијци!“, ги повика Лекарската комора и Министерството за здравство да се разбудат и да ја заштитат фелата.
„Најостро го осудуваме говорот на омраза кон докторите и сите здравствени работници кои и со живот го платија лекувањето на пациентите болни од ковид. Ако кој било наш колега биде нападнат или вознемирен од толпата која протестира, ќе прекинеме да лекуваме и ние ќе излеземе на улица“, се закани оваа лекарска асоцијација со објава на официјалната страница на Фејсбук.
Б. НЕСТОРОСКА