ВЕТЕРОТ ГО ИСКРИВИ ФИЛМСКОТО ПЛАТНО НА „БРАЌА МАНАКИ“ КОГА ПЕНДАРОВСКИ МУ ЈА ВРАЧУВАШЕ НАГРАДАТА НА КРИСТИЈАН БЕРГЕР

    ВЕТЕРОТ ГО ИСКРИВИ ФИЛМСКОТО ПЛАТНО НА „БРАЌА МАНАКИ“ КОГА ПЕНДАРОВСКИ МУ ЈА ВРАЧУВАШЕ НАГРАДАТА НА КРИСТИЈАН БЕРГЕРПлатното за проекција високо околу 15 метри и поставено на отворената сцена во битолското Пацио, беше на неколку чекори зад лауреатот и претседателот, а се искриви додека говореше Бергер. (Фото: Принтскирин од видео)

    Ветерот го заниша и навали филмското платно на свеченото отворање на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“во Битола, додека на сцената претседателот Стево Пендаровски му ја врачуваше Златната камера 300 за животно дело на австрискиот кинематографер Кристијан Бергер. Платното за проекција високо околу 15 метри и поставено на отворената сцена во битолското Пацио, беше на неколку чекори зад лауреатот и претседателот, а се искриви додека говореше Бергер.

    Техничката служба итно интервенираше  и платното го стабилизираа, а програмата не беше прекината.

    „Сме имале многу жанрови на фестивалот, а еве вечерва имавме и малку трилер и акција“, рече директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски кој говореше после доделувањето на наградата.

    Фестивалот го отвори „Сестри“, дебитантскиот филм на режисерката Дина Дума, но кусо по почетокот на проекцијата таа се прекина на неколку минути поради технички проблем со платното, а потоа снема и струја.

    „Најдобро место за да се гледа филм е во кино. Снема струја, затоа од утре одиме во кино“, рече Дамевски на сцена додека траеше прекинот на проекцијата.

    Проекцијата потоа продолжи.

    За првпат отворањето е во Пацио на отворено, а не во кино салата во Центарот за култура каде редовно се одржуваше. Промената настана поради протоколите за ковид-19.

    Вечерва му беше врачена и Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда која ја доделува Друштвото на филмски професионалци (ДФРМ) на актерот Бајрам Северџан, најпознат по филмовите „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Куструрица, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „До балчак“ на Столе Попов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира