Матичниот лекар да биде награден со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти запишани кај него, откако ќе надмине 70 отсто на вакцинација од вкупниот број пациенти, е новиот предлог на Министерството за здравство за подигнување на свеста за вакцинација против ковид-19, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Владата на седницата на 25 ноември не донесе одлука за предлогот на Комисијата за заразни болести за задолжителна вакцинација на здравствените работници и препорака за имунизација на јавниот и приватниот сектор и побара од Комисијата дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.
„Во однос на претходните мерки кои ги дискутиравме на Владата, свесен сум дека ова се едни од најтешките мерки бидејќи допираат во една сфера во која досега не сме имале мерка, а тоа се работните односи и работното место. Поради тоа зкалучивме дека треба дополнително да истражиме дали ќе има некои слични мерки кои нема да бидат толку сериозни, да загрозуваат работно место а од друга страна ќе бидат стимулација за вакцинација. Во вторник ќе предложиме нова мерка до Владата, посебна стимулација за матичните лекари, да бидат финансиски стимулирани“, рече денеска Филипче.
- НЕПРИФАТЛИВО Е ПРИ БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ГАЗДАТА ДА ГО ПЛАЌА ПЦР ТЕСТОТ НА РАБОТНИКОТ КОЈ НЕ САКА ДА СЕ ВАКЦИНИРА, РЕАГИРА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА РАБОТОДАВАЧИ
- ПЦР ТЕСТОВИТЕ ДА ГИ ПЛАЌА РАБОТОДАВЕЦОТ, ДОГОВОРИ ФИЛИПЧЕ СО СИНДИКАТИТЕ, ЌЕ ОДЛУЧИ ВЛАДАТА
Претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија Дарко Димовски и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски, на 22 ноември му предложија на Филипче работодавецот, а не вработениот да го плаќа ПЦР тестот ако тој не сака да се вакцинира, а вработениот да добие два слободни платени денови ако се вакцинира.
За Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ), предлогот е нелогичен, неоправдан и неприфатлив и реагираа зошто работодавачите да ги платат ПЦР тестовите на оние што не сакаат да се вакцинираат против ковид-19, во услови кога вакцинирањето е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат оваа поволност.
„Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од ковид-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со ковид-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително“, стои меѓудругото во владиното соопштение од 25 ноември.
Според последните информации од Министерството за здравство, заклучно со 26 ноември вкупно се вакцинирани 828.770 граѓани, ревакцинирани се 794.666 а трета доза примиле 70.937 граѓани. 57% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58%, а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Б. НЕСТОРОСКА