СО КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ЗА 9 ПАТИ Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ЖИТЕЛИ ОД ОНА ШТО ГО ДОЗВОЛУВА ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАН – ПРОТЕСТ НА „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ И „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“

    СО КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ЗА 9 ПАТИ Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ЖИТЕЛИ ОД ОНА ШТО ГО ДОЗВОЛУВА ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАН – ПРОТЕСТ НА „ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ И „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“Граѓанските иницијативи протестираат пред Обвинителствто, бидејќи сметаат дека само тоа може да ја стопира градбата на зградите кои ќе го уништат Скопје. (Фото: К. Попов)

    Граѓанските иницијативи „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ денеска протестираа пред Јавното обвинителство барајќи веднаш да се стопира изградбата на 20-катниците кај „Холидеј ин“. Тие сметаат дека Обвинителството може да го сречи ова уништување на Скопје ако постапи по иницијативата на Антикорупциската комисија која смета дека градењето на овој дел е нелегално.

    „Она што почнува да се гради кај ‘Холидеј ин’ според Антикорупциската комисија е нелегално, постои сомнеж за корупција и злоупотреба на службената положба. Никој не знае како Министерството за транспорт и врски во 2018 продало над 9.000 метри квадратни државно земјиште, во време кога Деталниот план не се спроведувал. Ние ги бараме тие одговори од Министерството и од Државниот инспекторат за градежништво. Бараме и Основното јавно обвинителство да постапи по иницијативата која е поднесена од Антикорупциската комисија.бидејќи од мај до сега немаат никаков напредок во предметот“, рече Драгана Велковска од „Зелен хуман град“.

    Според нив, со изградбата на трите 20-катници овој предел ќе биде најгусто населен регион во светот, ќе има енормна зголеменост на бројот на жители и нехумани услови за живот.

    „Ако смета некој дека тоа таму треба да се гради, нека излезе и нека каже јавно. Со она што се дозволува да се гради според ДУП за 9 пати е зголемен бројот на жители во споредба од она што го дозволува ГУП, односно од 800 жители на хектар предвидени во Генералниот план, со Деталниот се дозволува 2.400 жители на хектар. Тоа се недозволени вредности во земја во која се вели дека владеат демократски вредности“, додаде Велковска.

    Првата од трите 20-катници кај „Холидеј ин“ почна да се гради на 22 ноември. На оваа градежна парцела нема приватни имотни односно куќи на граѓани туку чист простор кој беше државно земјиште, па потоа продаден од Министерството за транспорт и врски на инвеститорот. Според презентираното идејно решение, покрај првата зграда од 20 ката, ќе се гради и станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката.

    Трите згради од 16, 20 и 22 ката се наоѓаат само на една градежна парцела од вкупно три кои ги предвидува Деталниот урбанистички план (ДУП). Според Деталниот урбанистички план (ДУП), донесен во 2012 во времето на ВМРО-ДПМНЕ и кој не е усогласен со Генаралниот урбанистички план (ГУП), и СДСМ пет години не успеа да го смени, просторот е поделен на четири парцели, од кои три се градежни и една е со намена плоштад со фонтана.

    Според ДУП, 60-катници се предвидени и на другите две парцели каде всушност се наоѓаат куќите на жителите на Ново Маало, што значи дека кај „Холидеј ин“ може да има има уште кули, не само трите кои инвеститорот ги презентираше во јавноста. На презентација на проектот од „МГ Фешн“ не сакаа да кажат дали откупиле дел од земјиштето и постигнале договор со сопственицте на куќите и колку и какви згради планираат да градат на другите две градежни парцели.

    Сите содржини што сега се планираат се всушност според стариот Детален план, кој дозволува по 200.000 метри квадратни изградена површина на трите парцели, или вкупно 600.000 метри квадратни и 5.000 жители. Генералниот урбанистички план кој е акт од повисок ранг дозволува на сите три парцели да живеат вкупно 1.250 граѓани или 347 семејства, а сега само во првата парцела се предвидени 1.200 жители.

    Такму поради тоа Деталниот план е во спротивност на Генералниот план и тој воопшто не требал да биде одобрен од Град Скопје и Министерството за транспорт и врски. Тоа значи дека сега инвеститорот ќе гради спротивно на ГУП, односно согласно ДУП во кој не биле запазени параметрите од повисок орган.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира