СО НОВ ДУП ЌЕ НИКНАТ 10-КАТНИЦИ НА МЕСТОТО НА КИНО ВЛАЕ, КАКО И ЦРКВА НА ИНКЛУЗИВНОТО ДЕТСКОТО ИГРАЛИШТЕ ДО ПЛОШТАД ДЕЛФИНА

    СО НОВ ДУП ЌЕ НИКНАТ 10-КАТНИЦИ НА МЕСТОТО НА КИНО ВЛАЕ, КАКО И ЦРКВА НА ИНКЛУЗИВНОТО ДЕТСКОТО ИГРАЛИШТЕ ДО ПЛОШТАД ДЕЛФИНАОвој ДУП еднаш беше донесен во претходнниот мандат на градоначалникот Стевче Јакимовски, но во 2018 година е укинат од Уставан суд. Сега планот повторно се враќа во игра и се отвара можност за нова бетонизација на населбата.(Фото: СДК.МК)

    Нови маркички за згради предвидува Општина Карпош во населбата Влае со новиот Детален урбанистички план за Влае 2, за кој вчера беше одржана јавна презентација. Овој ДУП еднаш беше донесен во претходниот мандат на градоначалникот Стевче Јакимовски, но во 2018 година е укинат од Уставен суд. Сега планот повторно се враќа во игра и Општина Карпош и градоначалникот Јакимовски ја почнуваат постапката за негово повторно носење и отворање можност за нова бетонизација на населбата.

    Жителите на Влае револтирани ја следеа презентација, велејќи им на планерките од планерската куќа „Билд урбан“ кои ги пратиле од општината да го презентираат планот, дека нема да дозволат да им помине планот, доста е веќе со овој урбанистички хаос што му се прави на Скопје.

    Со планот се предвидуваат згради на просторот на некогашно кино Влае односно зад автобуската станица на булеварот Партизански одреди. Зградите ќе бидат со висина од 6 до 10 ката. Парцелата за маркички за згради е проширена и на улицата Есперанто сè до плоштадот Делфина. Со новиот план улицата ќе предвидува да се пробива зад киното односно пред основното училиште „Димо Хаџи Димов“.

    На местото на инклузивното игралиште за деца со посебни потреби на плоштадот Делфина пак е вцртана маркичка за црква. Детското игралиште беше направено пред две години и него тогаш го отвори ексградоначалникот Стефан Богоев.

    Маркичка за зграда се предвидува на празниот простор кај „Кам маркет“ односно во делот каде населбата Влае се граничи со населбата Хром. Овој простор како што велат жителите е државно земјиште и бараат да се направи парк, а не да се распродава државна земја за бизнис интереси со приватни градежници.

    Граѓаните бараа планот да се повлече, а планерката ангажирана од Општина Карпош им рече кога одбрале да живеат во град мора да ги прифатат предвидените содржини. (Фото: СДК.МК)

    Планот го опфаќа и просторот покрај кејот на реката Вардар каде сега се наоѓаат спортски терени. Со ДУП-от се предвидува намена спортски центар што за жителите е спорно бидејќи со тоа се дозволува и затворени објекти односно градење на спортски сали. На просторот пак до игралиштата кој сега е зелена површина пак е вцртана маркичка за градинка, на што исто така реагираа граѓаните бидејќи станувало збор за приватен имот.

    „Државно земјиште продавате на приватни инвеститори да градат згради, а на приватен имот цртате градинка. Да не нацртавте толку многу маркички и згради ќе имаше место и за градинка и поликлиника“, рекоа револтирано жителите на Влае.

    „Како може меѓу сите овие куќи на една празна парцела да вцртате маркичка за зграда со приземје и три ката. По која логика тоа го дозволуваат. Се направија покрај Вардар згради и сега цртате нови. Откако никнаа зградите немаме каде да паркираме, ние сме избрале да живее во мирна населба, не може да не уценувате дека мора да се донесе планот за да си го откупиме земјиштето. Тоа е права уцена. За да можеме да си го оствариме правото вие ни вметнувате решенија за дополнителна бетонизација на населбата“, рекоа граѓаните.

    Планерката од фирмата „Билд урбан“ пак им рече на жителите дека планот бил носен врз основа на регулациски план донесен од Град Скопје и дека живеат во град и затоа мора да има содржини.

    „Сите живеете во град, ако нејќете да има улици и други содржини не живејте во град. Сите може да пополните анкетни листови до 25 март и вашите забелешки ќе бидат земени предвид“, рече една од планерките на „Билд урбан“.

    Граѓаните им рекоа дека досега џабе се пишувале анкетни листови, Општината пак си ги носела плановите онака како што замислила. Најавија дека нема да дозволат овој лош план за Влае да биде донесен.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира