Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека не рекла оти ќе се доградува дивоградбата споменик на Мајка Тереза која го блокира влезот на Плоштадот Македонија, туку ќе се распише конкурс за стучната јавност да понуди решение за просторот согласно можностите за пренамена. Но, стручната јавност уште пред 4 години ѝ кажа на Владата дека споменикот треба да се урне.
„Во одговорот на новинарското прашање, министерката Костадиновска-Стојчевска во ниту еден момент не изјави дека споменичната скулптура на Мајка Тереза ќе се доградува или ќе се урива. Министерката, во својата изјава, вели дека ќе се распише конкурс со цел стручната јавност да предложи прифатливо решение за овој простор. Решението за иднината на овој објект, всушност, се бара да биде понудено од стручната фела имајќи ги предвид можностите за пренамена во согласност со урбанистичката планска документација за предвидената парцела“, се вели во реакцијата од министерката Костадиновска-Стојчевска.
- ВЛАСТА НЕМА НАМЕРА ДА ГО УРНЕ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА КОЈ Е ДИВОГРАДБА И 7 ГОДИНИ ГО БЛОКИРА ВЛЕЗОТ НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА
- СИТЕ ЌЕ ПОДНЕСЕМЕ ПРОЕКТ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА ДА СЕ ПРЕНАМЕНИ ВО УЛИЦА, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ МАРТИН ПАНОВСКИ
Стручната јавност за овој споменик кажа дека треба да се урне уште пред три години бидејќи прекршува низа закони, се наоѓа среде улица и го блокира влезот на главниот плоштад во земјава Токму тоа го кажа во својот извештај работната група за проектот „Скопје 2014“ која ја формираше Владата на СДСМ по доаѓањето на власт. Координатор на работната група беше проф. Мирослав Грчев кој во јануари 2019 за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека изградбата на споменикот на Мајка Тереза е најсурово прекршување на низа закони, правниот поредок и владеењето на правото и тој треба да се отстрани.
„Ако сакате да речете дека ги спроведувате законите, тогаш нема дилема дека тој објект треба да биде отстранет. Се работи за тежок злочин, злоупотреба на јавен простор, тешка кражба и криминал. Споменикот е ставен на место кое ниту една земја, колку и да е фашистичка, нема да го смести. Прекршени се Законот за градба, Закон за споменици, Закон за буџет, Законот за градење и урбанистичко планирање. Очигледно е што треба да се направи“, кажа Грчев.
Но, и покрај ваквиот извештај на работната група, Владата во 2019 одлучи споменикот дивоградба да не се урива туку да се пренамени оти тоа било поевтино. Тогаш од Владата рекоа дека дека ќе распишат конкурс за избор на идејно решение во што да се пренамени дивоградбата.
По ова тогашниот претседател на Асоцијацијата на архитекти Пановски си даде оставка од работната група велејќи дека не сака да е алиби за довршување на проектот „Скопје 2014“.
Архитектите па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов исто така реагираа на идејата на Владата да се пренамени објектот и да продолжи да блокира влез на Плоштадот и да ја загрозува безбедноста и рекоа дека на конкурот ќе го затрупаат Министертсвото за култура со решенија за уривање на дивогрдабата и просторот повторно да стане улица.
Влезот на Плоштадот Македонија веќе седма година стои затворен со тараби а меѓу нив се издига бетонската дивоградба. За граѓаните е оставена тесна патека за минување низ тарабите.
Владата на СДСМ е на власт 5 години и буквално ништо не направи да се реши ова прашање кои кога партијата беше во опозиција остро го критикуваа и велеа дека е криминален проект на ВМРО-ДПМНЕ. Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК изминативе години постојано пишуваше и ги прашуваше надлежните Општина Центар, Град Скопје, Министерство за култура и Владата зошто не преземаат ништо туку напротив дозволуваат сред центар на градот да стои бетонска дивоградба. Секогаш добивавме одговори со префрлање на одговорност од едни на други, а во пракса ништо не направи по ова прашање.
-
- ПОСКАПО Е ДА СЕ УРНЕ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА ОТКОЛКУ ДА СЕ ПРЕНАМЕНИ, ЗАТОА НЕМА ДА СЕ РУШИ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА
- НЕ САКАМ ДА СУМ АЛИБИ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА „СКОПЈЕ 2014“ – АРХИТЕКТОТ ПАНОВСКИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД РАБОТНАТА ГРУПА
- ВЛАДАТА УШТЕ НЕ ЗНАЕ ВО ШТО ЌЕ ГО ПРЕНАМЕНИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА КОЈ ГО БЛОКИРА ВЛЕЗОТ НА ПЛОШТАДОТ ВО СКОПЈЕ
А. АНТЕВСКА