1 Оние камперите во Бутел, предводени од раководството на владејачката ДУИ, велат дека ќе одат до крај. До кој крај? До чиј крај? Да не решиле случајно да ѝ стават крај на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ? И каде ќе им биде крајот, кога ова нема крај?
Ова е уште еден нов почеток. Еве, сега се појавила уште една граѓанска иницијатива да се гради 50-метарски јарбол за албанско знаме во Сарај. Таа граѓанска иницијатива доаѓа како одговор на граѓанската иницијатива што ја почна градбата на 50-метарскиот крст во Бутел.
Сме имале ептен освестени граѓани. Тоа се истите граѓани на кои странски амбасадори им организираат чистење на ѓубрето што сами си го трупаат во двор и не им пречи. Тоа се истите граѓани на кои странските амбасади им плаќаат за да им го зачуваат културното богатство, оти не им пречи кога им се распаѓа пред очи. Тоа се истите граѓани на кои со странски донации им градат водоводи, канализации и им менуваат прозорци во училиштата кај што им учат децата. И после, тие исти граѓани ги слушаме како политички мудруваат дека странци ни ја воделе државата, а ние сме биле претворени во протекторат. Е па сме, де. Оти тие исти граѓани се дават од поплавени канали и суводолици од шутот што сами си го фрлиле, ама кога станува збор за крст и јарбол спремни се и очи да си ископаат.
2 И тоа што власта ни го продава како граѓанска иницијатива, една недела подоцна ќе се обиде да ни го продаде како меѓуетнички конфликт. Па додека едни кампираат, други демократски ќе дебатираат. Кој е виновен? Дали орелот во Чаир, крстот во Бутел, или јарболот во Сарај? Божем од вчера сме. Божем не сме ја виделе истата приказна. По стоти пат. И знаеме како ќе заврши. Како наместен фудбал. На крај ќе седнат на маса и ќе се договорат да дојдат нови ајдуци. Е па, паметиме бе, луѓе. Не беше толку одамна. Пред само петнаесет години беше. Уште семејствата си ги оплакуваат жртвите. Уште не ги прежалиле своите најблиски.
Да не мислите дека ќе гинат патриотите што се фалат на Фејсбук? Ниту пак Ермира Мехмети ќе може со демократски говори да ги скрие апашлаците на нејзините сопартијци. Кој ќе ни продава камперска демократија? Абдулаќим Адеми, кој како министер за образование со години малтретира едно чудо основци, средношколци, студенти, професори, родители, само затоа што мораше да му оди по ќеф на Груевски? И сега тој глуми конфликт со ВМРО-ДПМНЕ?
Кој ќе поверува дека и крстот и орелот и јарболот се граѓански иницијативи, тогаш нека верува дека и ова што се случува во Бутел е меѓуетнички и меѓуверски конфликт. Слободно нека одат да се тепаат. Со крстот на чело и со орелот на глава. Не мора да го чекаат 5 јуни за неказнето да кршат гласачки кутии. Уште сега нека си ги искршат главите.
3 Сепак има надеж. Покрај граѓанските иницијативи за криење на апашлаците на власта се појави и граѓанска иницијатива за спас од апашлаците на власта. За само неколку часа, анонимни граѓани собраа пари да му ја платат казната на еден чичко кого судот го казнил со 150 евра затоа што нелегално продавал марули и коприви.
Правда си е правда. Ако немаш лиценца, за 15 марули и 20 коприви ќе си платиш казна. Не е тоа исто како да украдеш избори за да може претседателот да те амнестира.
Нема правда? Е па, продолжи да двоиш од уста за плаќање казни за марули и коприви. Оди истепај се за јарболи и за крстови. Само затоа што тие треба да продолжат да ти ја крадат државата. И пак да гласаш за нив. А бе, за лепче и за сметче да има. За повеќе од тоа – што дал Господ.
4 Само што стана достапен избирачкиот список, за неколку часа излегоа десетици и десетици неправилности уште од прво читање. Не биле само 50 души регистрирани во еден стан во Центар. И не бил само Пустец. И Драчево било. И Ресен. И Вевчани…
Вака сме биле спремни за избори на 24 април. На кои народот ќе одлучи. И ќе даде резултат во кој сите ќе веруваат. Кој народ ќе одлучи? Оние цимерите што ни живеат по станови, а не сме свесни дека ни се дома? И умрените за кои не сме свесни дека се живи. А иселените се тука, оти само дома си е дома.
5 Покрај избирачкиот список и медиумите, клучната забелешка во извештајот на САД и ЕУ е дека се „загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица“.
А СДСМ запнале, списоци па списоци, медиуми, па медиуми…За притисоците и заканите врз гласачите ни збор. Секојдневно се прават стотици кривични дела кои допрва ќе треба да бидат казнувани. Секоја нова уцена за ново партиско вработување е кривично дело. Секое барање да се донесат гласачи е кривично дело.
Срамота е странците да се позагрижени од најголемата опозициска партија за тоа што е вистинско кршење на правото за слободно гласање.
6 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски секој ден прави увид на некои градежни активности. Шета со градоначалници, со директори… Во Штип беше и премиерот Емил Димитриев. Ама овој пат на Емил му дадоа прв да фрли лопата. И после се скри зад лидерот на партијата.
Па ако може претседател на партија да прави увид во градба на автопат, зошто тогаш увид не направи и Лилјана Поповска од ДОМ? Или Павле Трајанов од Демократски сојуз? А Заев зошто не оди да прави увид заедно со Груевски? Не го гради Груевски автопатот со свои пари. Заев сигурно има платено повеќе данок, па и тој има право да оди на увид.
А зошто и ние не одиме на увид заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ? Па и ние плаќаме даноци. Еве на пример, зошто ние не одиме да отвориме некоја странска инвестиција? Од наши пари Груевскиим дава субвенции. Па ние имаме повеќе право на тоа отколку кој било лидер на партија. Сите имаме право на увид како се трошат нашите пари. Само што за разлика од нас, Груевски тоа право и го користи. Кој ни е крив? Тој го узурпира просторот што ние така безгрижно му го отстапуваме.
7 Коментирајќи ја најавата на Специјалното обвинителство дека покренало уште петнаесет предистражни постапки, меѓу кои и за нелегално финансирање медиуми и злоупотреба на службена положба, поранешниот премиер Никола Груевски одговори: „Не би бил изненаден ако целото раководство и пошироко раководство на ВМРО-ДПМНЕ биде осомничено“.
По сите бомби што ги слушнавме, јас би бил изненаден ако не бидат осомничени. Уште сега можам да ги предвидам курирските наслови ако се случи тоа. Кога Специјалниот обвинител побара притвор за Миле и за Гордана, излегоа насловите: „Катица тргна против ВМРО“. Ако побара притвор за Груевски, ќе пишуваат: „Катица тргна против народот“. Со варијација „Катица тргна против Македонија“. Да не помислиме дека сите наслови доаѓаат од ист центар.