Стара распадната зграда, дотраен инвентар, расипана медицинска опрема, ваква е сликата на болницата во Кичево каде бидејќи нема основни услови за работа пациентите најчесто се препраќаат по другите градови. Директорот на болницата Станко Трпески моли за помош, оти тука се лекуваат пациенти од целиот регион кој опфаќа околу 35.000 жители.
„Не можеме да им дадеме некогаш помош на пациентите кои што си ги бараат своите права. Спречени сме поради лошите услови, не поради нешто друго. Го молам Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Владата за помош, да обезбедиме основни здравствени услови за работа за да можеме да ги опслужиме пациентите“, вели Трпески.
Трпески вели дека болницата има доволно лекари, специјалисти и медицински персонал, но поради немање услови за работа многу одделенија се нефункционални.
„Имаме добра волја, имаме голем број на пациенти коишто поради неможност заминуваат во други градови, а сме способни да им дадеме не прва помош туку здравствена дејност како оперативен дел, акушерија, породување, имаме супспецијалисти кои можат да работат коронарен стрес-тест, можат да работат холтери, ехотомографии, но поради условите за работа не можеме да си ги покажеме сите способности“, кажува Трпески.
Во Кичевската болница со години не се извршуваат породувања оти е расипан автоклав апаратот за стерилизација на Одделот за гинекологија, па бремените жени се препраќаат во други градови.
„За жал, во моментов имаме распипан автоклав за стерилизација, кои што ги оневозможува работите во операционата сала. Голем дел од пацинетките за породување, голем дел од пациентите за оперативни третмани заминуваат во други градови. Нема можност за поправка на тој стар дотраен апарат, потребни ни се средства, ни треба помош за да можеме да функционираме“, вели директорот на Кичевската болница.
Старата болница во Кичево функционира во неколку објекти, а дел од нив се изградени пред околу еден век. Последната најава од Министерството за здравство е дека со милион евра оваа година ќе продолжат градежните работи на новата болница и според планот, ќе завршат до 2024.
Изградбата на новата болница во Кичево започна во 1985 , но и после 37 години објектот е сè уште во градба.
С. ВРЕНЦОВСКА