АРСОВСКА ПАК БАРА ГРАД СКОПЈЕ ДА СЕ ЗАДОЛЖИ 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА СЕ КУПАТ НОВИ АВТОБУСИ

    АРСОВСКА ПАК БАРА ГРАД СКОПЈЕ ДА СЕ ЗАДОЛЖИ 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА СЕ КУПАТ НОВИ АВТОБУСИАрсовска во изборната кампања вети 250 нови автобуси, а задолжувањето од 10 милиони евра е само за 30-тина возила. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска по вторпат од советниците во Град Скопје бара да се изгласа задолжување од 10 милиони евра за да се купат нови еколошки автобуси.

    „Со цел дополнително да се поттикне визијата за модерно Скопје, овозможувајки лесно достапен и современ јавен превоз, притоа водејќи грижа за квалитетот на живеење и животната средина, наша обврска и приоритет во работењето е да инвестираме во еко автобуси со цел поефикасно извршување на јавниот превоз. Со донесување на оваа одлука ќе се овозможи Град Скопје преку домашно долгорочно задолжување да изврши набавка на еко автобуси“, се вели во образложението на Арсовска.

    Оваа точка Арсовска ја предложи и во јануари, но тогаш советнците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гласаa воздржано, со што немаше доволно гласови да се усвои задолжувањето. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ тогаш не побараа збор и од говорницата не образложија зошто ќе останат воздржани по оваа точка.

    Советничката група на СДСМ кажа дека тие не се против набавка на нови автобуси, но дека е недозволиво како советници да немаат никакви информации колку автобуси ќе се набават и на колку години е кредитното задолжување. Тие тогаш рекоа дека веќе има проект за Бас рапид транзит (БРТ) и обезбедено пари од ЕБОР за него, но, сега тој стои во фиока и се плаќаат пенали зашто не се користат парите.

    Арсовска во изборната кампања вети 250 нови автобуси, а задолжувањето од 10 милиони евра е само за 30-тина возила. Ако се изгласа точката, новите автобуси би се набавиле за година и пол, бидејќи толку трае процедурата и постапката. Прво треба да се распише тендер кој со повикот, изборот и периодот на жалба трае неколку месеци, а потоа фирмата која ќе биде избрана ќе треба да ги произведе автобусите.

    Град Скопје, односно ЈСП „Скопје“, веќе исплаќа кредит од 10 милиони евра за набавка на 33 автобуси на гас купени во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Државата има земено кредит од 70 милиони евра за проектот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро кој Арсовска не го прави, па затоа годишно се плаќаат 350.000 евра пенали.

    Од декември лани Скопје е без редовен јавен превоз, автобуси се чекаат по еден час, што е спротивно на изборното ветување на Арсовска за брз, ефикасен и безбеден автобуски превоз.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира