Во пожарот на мостот „Беласица“ во Скопје оштетен е топловодот преку кој се пренесува топлинска енергија од ТЕ-ТО до топланата Запад. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, вели дека оваа цевка е многу важна за преносот на топлинска енергија во Скопје и веднаш треба да се санира. Ако не биде ставена во функција до почетокот на грејната сезона, тогаш ќе има проблем односно поголеми трошоци за парно греење, што според Бислимоски нема да бидат признаени односно ќе биде на товар на топланата.
„Не сакам да слушам изговори. Сега сме почеток на јуни, до почетокот на грејната сезона има уште четири месеци и имаат време како знаат и умеат тој топловод да го вратат во нормала и да функционира. Ако има зголемени трошоци поради тоа што топловодот не е ставен во функција, тоа ќе биде на товар на компанијата. Нема да бидат на товар на граѓаните односно да им се зголемат сметките за парно“, вели Бислимоски.
Мостот „Беласица“, кој е една од најпрометните сообраќајни артерии во Скопје, се запали на 12 мај и оттогаш е затворен за сообраќај. Испитувањата за оштетување и каква санација ќе биде потребна уште траат, а по налог на Град Скопје ги прави Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени на Михаил Гаревски.
Пред неколку дена, градоначалничката Данела Арсовска кажа дека првичните сознанија кои ги имаат покажуваат оти мостот може да биде пуштен за пешаци, велосипедисти, па дури и две ленти за сообраќај. Но, сепак, како што кажа Арсовска, ќе се чека конечниот извештај.
„Според она што го имаме од експертите по овие први прелиминарни резултати, би можело мостот да се отвори за пешаци и велосипедисти, па дури и две траки за возење во еден правец веднаш. Но, сепак одлучивме да почекаме да имаме точни и прецизни информации и веднаш потоа доколку треба некоја ситна санација или реконструкција да се изврши и да биде ставен во употреба. За 20 дена се очекува да заврши експертизата и тогаш ќе се знае подетално каква интервенција треба“, рече минатата недела Арсовска.
А. АНТЕВСКА