„КАЈМАК“ СО ПРЕМИЕРА ВО ДАНСКА, ПОДДРШКА ОД АЛБАНИЈА ЗА „БИСТА“, АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ГИ БЛОКИРАШЕ ДВАТА ПРОЕКТА НА МАНЧЕВСКИ ВО МАКЕДОНИЈА

    „КАЈМАК“ СО ПРЕМИЕРА ВО ДАНСКА, ПОДДРШКА ОД АЛБАНИЈА ЗА „БИСТА“, АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ГИ БЛОКИРАШЕ ДВАТА ПРОЕКТА НА МАНЧЕВСКИ ВО МАКЕДОНИЈА„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија за 2022. (Фото: Продукција на филмот)

    „Кајмак“, најновиот филм на Милчо Манчевски, вечерва ќе има данска премиера, со свечено прикажување во Копенхаген. Данска е една од земјите копродуценти во овој проект.

    Паралелно со ова, минатата седмица Албанскиот филмски центар објави дека следниот проект на Манчевски, „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“) ја освои поддршката на албанскиот државен фонд, соопшти продукцијата „Банана филм“. Албанија е само еден од повеќето странски партнери во идниот филм на Манчевски. Во „Кајмак“ копродуценти покрај Данска беа и Холандија, Хрватска и паневропскиот фонд Еуримаж.

    „Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот од А-категорија во Токио, а потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, САД и други. Светскиот продажен агент, „Левел К“ од Копенхаген, го пласираше филмот за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите… „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.

    Во исто време, Агенцијата за филм на Северна Македонија ја блокираше државната поддршка за обата филма на Манчевски. Со одлука на Управниот одбор (УО) на Агенцијата од минатиот месец, стопирана е поддршката на оваа државна институција и за „Кајмак“ и за „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“), иако обата филма претходно беа поддржани од истата Агенција. Министерството за култура ја оцени одлуката на УО како незаконска.

    „Биста“ беше поддржан со 28 милиони денари или над 455.200 евра, на Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2022 во втор рок на одлучување. На 16 мај, Агенцијата за филм соопшти дека поднела кривична пријава против продукцијата „Банана филм“ на Манчевски поради нерегуларности за неговите филмови „Мајки“ (2019) и „Врба“ (2019), и понатаму ќе ги стопира обврските за проектите „Кајмак“ и „Биста“. Но, вонредниот инспекциски надзор на Министерството за култура извршен по барање на Агенцијата, не утврди неправилности во работата и ја прекина постапката.

    На 19 мај, Манчевски на официјалната фејсбук страна соопшти дека станува збор за организирана хајка и политички прогон против него како укажувач на корупција, затоа што повеќепати ја пријавил Агенцијата за филм за незаконско работење. Правниот тим на „Банана филм“ најави и кривични пријави против лица во Агенцијата.

    На 25 мај излезе и извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на Агенцијата кој вели дека во ревизијата е изразено неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

    На 16 јуни и Транспарени интернешенел Македонија во извештајот констатира дека станува збор за незаконска освета кон лице кое пријавило корупција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира