НЕ СМЕ НИЕ КРИВИ ШТО СЛУПЧАНЕ НЕ ПЛАЌА СТРУЈА, ПРОТЕСТИРАА ЖИТЕЛИТЕ НА ОРИЗАРЕ ПРЕД ЕВН ВО КУМАНОВО

    НЕ СМЕ НИЕ КРИВИ ШТО СЛУПЧАНЕ НЕ ПЛАЌА СТРУЈА, ПРОТЕСТИРАА ЖИТЕЛИТЕ НА ОРИЗАРЕ ПРЕД ЕВН ВО КУМАНОВОТие бараа од ЕВН да си го реши проблемот со нивните соседи, бидејќи тие редовно плаќаат струја, а трпат голема штета и нивните домаќинства и бизниси.(Фото: СДК.МК)

    Стотина жители на липковското село Оризаре денеска простестираа пред подружницата на ЕВН во Куманово, незадоволни што повеќе од 24 часа немаат струја, поради протестот во Слупчане. Тие бараа од ЕВН да си го реши проблемот со нивните соседи, бидејќи тие редовно плаќаат струја, а трпат голема штета и нивните домаќинства и бизниси.

    Претставници на селото утринава се сретнале со еден од раководителите во подружницата, кој им кажал дека нивниот проблем нема да се реши сè додека не се постават нови струјомери во Слупчане, што дополнително ги налутило сите присутни.

    „Како може ние да немаме струја кога плаќаме редовно. Имаме дома фрижидери, храна, бизниси, маркети, кафулиња, сето тоа ќе заврши во ѓубре. Веќе 48 часа не можеме да се искапеме на 40 степени, затоа што бањите ни се на хирдофори од бунари, без струја немаме и вода. Ако ЕВН нема начин да влезе во Слупчане тоа не е наш проблем туку на компанијата и државата, ние си ги бараме нашите права како граѓани“, изјави Фаредин Дестани, секретар на Месната заедница.

    Жителите бараат ЕВН да најде технички можности и им приклучи струја преку Липково или другите села во спротивно да донесе агрегати кои ќе го напојува селото со струја. Тие се жалат и поради тоа што имаат чести прекини во снабдувањето со електрична енергија, им се расипуваат апаратите за домаќинство.

    Најавуваат дека ќе останат на протестот сè додека не ги прими директорот на ЕВН во Куманово, а доколку не се реши проблемот ќе останат тука со денови заедно со нивните семејства. Велат дека подготвуваат и тужби против ЕВН.

    Во селото Оризаре има околу 500 куќи, во сите домаќинства се сменети струјомерите и немаат проблем со подмирување на сметките. Велат дека сега е време кога многу иселеници се дојдени од странство, прават веселби, а без струја целосно им е парализиран животот.

    Нашите соговрници додаваат дека тие не се против жителите на Слупчане, кои си ги бараат своите права, но тоа не може тоа да биде на нивна штета.

    Протестот на жителите од Оризаре се одвива под големо присуство на полицијата.

    Од ЕВН велат дека вработените на КЕЦ Куманово ги напуштиле работните места од безбедносни причини и непостоење на услови за работа.

    „Сè до создавање на нормални услови за работа, корисничкиот енерго-центар на ЕВН – Куманово нема да работи“, информира ЕВН.

    Жителите на кумановското село Слупчане протестот го започнаа вечера и ги спречија екипите на ЕВН да влезат во селото и да ги отстранат дефектите, предизвикани од самите жители.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира