Контролорите на летање од кулите на Скопскиот и на Охридскиот аеродром, поддржани од другите два синдиката во М-НАВ, го сметаат за терористички чин вчерашниот упад во зградата кога беа физички нападнати вработени, меѓу кои и контролор на летање на работното место.
„Влез на неовластени лица во забранета и заштитена зона, воздухопловна зона, е чист терористички чин по сите светски норми и закони“, е заклучокот на контролорите и останатите колеги инженери, инструктори, технички и друг персонал во М-НАВ.
Тие синоќа, додека интервентната полиција и инспекторите за насилен криминал го расчистуваа нападот, се договориле дека ако не поднесат оставка сите тројца директори на М-НАВ, и ако владата во вторник не ги разреши како што најави, в среда почнуваат генерален штрајк на неодредено време.
Синоќа тие ги донеле следниве заклучоци:
- Да се расчисти случајот до детал и одговорност да понесат сите вмешани, како од внатре во М-НАВ, така и лицата однадвор, кои насилно упаднале во зградата и натепале и повредиле вработени, меѓу кои и контролор на летање.
- Итно целото раководство, односно Управниот одбор на М-НАВ составен од тројца директори на чело со Фахрудин Хамиди, да си поднесат оставка од морални причини, бидејќи докажале дека не се способни да ја водат, а особено да ја осигураат безбедноста на Агенцијата.
- Се договориле дека ако не си поднесат оставка на функциите, Владата мора да ги разреши на седницата во вторник.
- Ако тоа не го стори Владата, од среда почнува генерален штрајк, целосно се затвора небото за сообраќај.
МВР соопшти дека од синоќа натаму останува да ја чува М-НАВ. Полицијата трага по уште четворица од напаѓачите.
Вчера, непосредно по прес-конференција пред М-НАВ на претседателот на Синдикатот Александар Тасевски, а зад кој застанаа голем број вработени и му аплаудираа, 8 насилници во две возила влегле во зградата и нападнале вработени од албанска етничка припадност.
Тие поминале 3 бариери на обезбедување – портата во дворот на М-НАВ, влезната врата во зградата каде што пристап имаат само тие што имаат електронска картичка и во контролната кула каде што нема можност за движење без придружба. Но, бандитите се движеле со Беким Незири, претседател на огранокот на ДУИ од скопски Чаир. Тој е постојано вработен во М-НАВ.
Беким Незири во време на владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше на неколку високи политички функции, меѓу кои и како еден од директорите на М-НАВ, директор на Фондот за ПИОМ и министер за економија во Владата на Никола Груевски.
Според сведоци, Незири ги внел насилниците директно во радарската соба, отворајќи им со неговата електронска картичка. Таму се случил физички напад на дел од нив, затоа што излегле да му дадат поддршка на Тасевски против партиски вработувања, но и да изразат протест против самоволието на менаџментот предводен од директорот Фахрудин Хамиди.
Владата синоќа најави дека на наредната седница која ќе се одржи во вторник, 9 јануари, по Божиќ, ќе го разреши целото раководство на М-НАВ. Владата соопшти и дека премиерот Димитар Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.
С. К. ДЕЛЕВСКА